Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995
Мориц Елазар
Меѓу Евреите имаше
богати трговци кои работеа на големо со одделни видови стоки (нинбершка стока,
текстил, памук, житарици и друго), но, сепак тие небеа некои крупни капиталисти
во вистинска смисла на зборот. Најголем број од трговците Евреи се занимаваше
со проста трговија на мало, со што некој имаше поголем а некој помал дуќан.
Сепак, како снаодливи трговци беа заприметени во чаршијата така што нивното
значење изгледаше поголемо отколку што беше.
Многу Евреи се занимаваа со различни занаети. Посебно Еврејките од Скопје беа
познати како шнајдерки и модисткињи. Покрај трговците и занаетчиите во Скопје
имаше и неколку Евреи лихвари, повеќе застапници на некои југословенски и странски
фирми, и еден закупец на кина, и се разбира, повеќе приватни службеници вработени
во приватните фирми. Повеќе ситни трговци и занаетчии во време на светската
економска криза од 30-тите години ги изгубија своите дуќани.
Во самото Еврејско маало дуќани имаа Аврамику „Il kebapchi“ познат и
млад Евреин, кој приготвуваше одличен кашер грав, и специјалитети на скара,
и сињор Коен „Il bonbondzi“, кој, покрај разните видови торти и колачи,
правеше и вкусни колачиња од ораси, таканаречени „marichinos“, коко и бонбони
од бадеми обвиткани со слој од бел шеќер таканаречени “konfitis“, без кои ниту
една свадба ниту која било домашна свечаност не можеше да се замисли. Во Еврејското
маало беше познат и Il tio Hadgi „Il dondurmadgi“ кој правеше вкусен
сладолет и го продаваше по улиците. Во маалото имаше и една фурна, две помали
меани и една кафеана.
Бо Скопје, пред војната, индустријата беше слабо развиена, а Евреи сопственици
на индустриски машини воопшто и немаше, освен сопственикот на една предилница
за фабрички килими. Еден Евреин беше сопственик на рудник на падините на Шар
Планина, а имаше и еден банкар - sinjor Arie.