Eврејски општини во Скопје

Сефардски огласи

Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995

Мориц Елазар

Евреите од предвоено Скопје во моето сеќавање

Еврејската општина во Скопје преживува мошне различен и бурен развој. Иако формирана релативно во конзервативна средина, мошне брзо започнува да ги прифаќа новите идеи и се повеќе се интересира за науката и политиката, за социјалните и другите проблеми. Во соработка со интелектуалците од загрепската еврејска заедница, младината во Скопје се подлабоко навлегуваше во политичките и други проблеми врзани со еврејството.Од таа соработка се развива и масовно движење, кое најповеќе ја опфаќаше школската младина.Тоа движење немаше само политички карактер. Тоа културно ја препороди младината. Најголемиот дел од младината се определи за Hashomer Hacair. Нивната активност се одвиваше во рамките на младинскиот кен, кој организираше разни претстави, забави, предавања и состаноци што доведе до создавање до една монолитна и сеопфатна младинска организација. Овие младинци за време на летниот одмор одеа на посебно организирани конференции, летувања и логорувања. Таму се среќаваа со истомислениците од целата земја ,а често и од странство. На тие состаноци се разгледуваа разни политички и организациони прашања со што се придонесуваше за развојот на еврејската култура кај младината.Така во Скопје почнаа се почесто да се пеат хебрејски песни и да се игра хава, се почесто да се дискутира за проблемите на Палестина и еврејството воопшто. Освен приврзаниците на движењето Hashomer Hacair имаше приврзаници на Владимир Жаботински. Тие се нарекуваа „бетарим“ и две-три години по ред се состануваа со своите истомисленици од други групи од Југославија на логорување близу Палиќ кај Суботица. Меѓутоа, ова движење не се здобија со симпатии од пошироките маси.

Повеќето младинци во 30-тите години заминаа во Палестина и таму се вклучија кон извесни кибуци. Некои од нив се живи и денес: Хаим-Ниџа Салмон и Алмон-Бата Рубен. Од луѓето кои пред војната заминаа во Палестина се уште е жив Дико Тијано, кој и во Израел долго време бил цариник, а сега пензионер. Од еврејската младинска средина често поникнуваа организатири на на културниот и јавен живот во Скопје. Со спојувањето на различни организации на младината создадена е културно-литературното друштво Гидеон. Друштвото често организираше литературни состаноци на кои се читаа творби на членовите. Често се организираа предавања, игранки, се изведуваа скечеви, претстави и слично.
Предавањата се организираа во еврејскиот клиб и беа доста посетени. Темите небеа само од еврејска тематика, туку опфаќаа и пошироки опшествени, политички и економски прашања. За предавачи беа канети познати скопски стручњаци за поедини прашања. Еве неколку теми од предавањата одржани во еврејскиот клубод 1936 до почетокот на војната: „Ционизам, основање, развој и цели на движењето“, „Аферата Драјфус“, „Граѓанската војна во Шпанија“, „Палестина и проблемите врзани за неа“, „Тајната трговија со оружје во светот и нејзините дострели“, „Нафтата и борбата на големите сили за петролејските извори“ итн.
Од претставите треба да се истакне незаборавната „Еврејка“ - драматизација на истоимената опера на композиторот Халеви. Претставата во 1939 година беше изведена во Народниот театар и го привлече вниманието на целата културна јавност во Скопје. Се изведуваше на отворена сцена и при изведбата неколкупати дојде до френетичен аплауз и овации. Претставата бесплатно ја режираше актерот и режисер Јосиф Срдановиќ. Управникот на народниот театар господин Живоиновиќ заради изведбата на „Еврејка“ бесплатно ја беше отстапил и салата и севкупниот потенцијал на театарот. Приходот од претставата беше наменет за фондот Keren Kajemet. Сите улоги ги играа младинци Евреи, освен улогата на таткото на Еврејката, што ја играше прфесионален актер Исо Конфино. Еврејката ја играше Ниника Асео. Забележани беа и улогите на принцот (Леон Катаривас), претседателот на Инквизицијата (Пепо Коен) и членот на Инквизицијата (Дано Рубен). Со посебен аплауз пеше поздравен и актерот Исо Конфино. Еврејската младина беше активна и во акциите што ги организираше КПЈ и напредната младина на Скопје. На излетите што се организираа во околината на Скопје, често се дискутираше за проблемите на работничката класа и за други политички прашања.
Како параван пред полицијата служеше илегалната организација Југословенско - чешка лига во која членуваа напредни скопски интелектуалци и членови на КПЈ. Во оваа организација соработуваа и извршуваа разни задачи и младинци Евреи.

На крај треба да се спомене дека еврејската младина во повеќе обиди настојуваше да создаде услови за разни видови спортски активности. Се формираа и извесни клубови (гимнастичарски клуб „Makabi“, фудбалскиот клуб „Esperansa“). Беше набавена и опрема и реквизити но постигнатите резултати не беа со долг век. Причината треба да се бара во недостатокот на простории и поголеми финансиски сретства, односно во неразбирањето на постарите генерации за ваков вид активности. И покрај тоа, спортската активност беше присутна кај еврејската младина преку членството во други спортски организации (гимнастичарска организација „Сокол“) и во други спортски клубови.

Poslovice, izreke i price, Sefardskih Jevreja Makedonije

Жамила Колономос

стр. 9
На чело на еврејските општини стоеле рабини кои имале големо влијание на економскиот и културниот развој  на еврејскиот живот.
Во поглед на меѓусобните односи, еврејските општини биле автономни и не се раководени од еден центар, што овозможило специфичен развој на секоја од нив. Рабините ги разрешувале споровите и не дозволувале Евреите да се обраќаат на муслиманските судови. Сочуван е голем број на документи на вакви спорови во Вардарска Македонија.

стр.16
Во периодот меѓу двете светски војни и покрај сите големи тешкотии од економска и политичка причина, еврејските општини успевале со големи напори не само да се одржат туку и да организираат разновиден опшествен живот, благодарение на постоењето на хуманитарни, културно-просветни и спортски организации и организација на жените и младината. Поврзувајќи се се повеќе со македонскиот народ, еврејскиот народ учествувал во јавниот и културниот живот. Особено се истакнувале младите од Битола и Скопје каде опшествениот живот бил многу развиен.
Сите Евреи според постоечките пописи биле членови на еврејска општина. Покрај верските дејности, општината водела матична книга на родените, венчани, умрени и ги решавала сите прашања на статусот. Еврејската општина ги бранела сите права на своите членови пред власта. Во оквир на општината постеле установи за помош на Евреите.
Хевра Кадиша се грижела за закопување на умрените.
Озер Далим за лекови и плаќање лекови и плаќање на лекарите за сиромашните болни.
Матанот леевјоним за облека и обувки  на сиромашните ученици.
Постоеле и фондови за помош на социјално загрозените лица, школување на сиромашните ученици, давање помош на сиромашни девојки за администрација на општината и фонд за одржување на синагогите-еврејски училишта.