Синагоги во Скопје

Сефардски огласи

Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995

Мориц Елазар

Евреите од предвоено Скопје во моето сеќавање

Sinagogata vo Skopje Севкупниот верски живот се одвиваше во Еврејското маало. Тука беше синагогата, која на шпански ја викавме Il kal grande! - Голем храм. За разлика од малиот храм кој се наоѓаше на вториот спрат од една поголема зграда на Баданда. Синагогата не се одликуваше со некој посебен стил, големина и убавина. Основата имаше облик на правоаголник сместен по подолгата страна во правец север - југ. Во сутеренот беа поставени седиштата, на кои седеа само возрасните мажи. Високо од сите страни, освен од јужната, се наоѓаа галерии со столбови предвидени за жените и хорот. Шкафот со светите книги се наоѓаше на зидот на јужната страна. Синагогата беше сместена во самиот центар на Еврејското маало, на еден мал плоштад. Преку пат неа, на истиот плоштад, се наоѓаше еврејското основно училиште во која се наоѓаше и еврејската вероисповедна општина. Во истата зграда вежбаше и еврејскиот хор.

Евреите од предвоено Скопје во моето сеќавање

... Мажите, особено оние постарите, задолжително одеа во синагогата, додека жените во тој поглед беа помалку ревносни. Младината, се разбира, не се придржуваше кон сите норми, но, сепак, извесен број машки деца присуствуваа на богослужбата. Занив, зад седиштето за мажи беа поставени неколку редици со обочни дрвени клупи. Богослужбата во синагогата ја извршуваше хахамот Моше Бахер. Сите мажи ја следеа богослужбата и самите читајќи од Тора и од своите книги. Талетот најчесто беше изработен од обично бело памучно или свилено платно со реси, на кои имаше јазли колку што имаше зборови во молитвата „Shema Izrael“ (врзувањето на јазлите го правеше само стручен човек, односно хахам). Читањето на молитвата се вршеше според одредена интонација и ритам кои го знаеа само луѓето кои се занимаваа со таа работа. За некои текстови имаше и многу мелодични арии, кои сите присутни во синагогата ги пееа на глас. За жал, повеќето од тие мелодии се заборавени.
Освен тоа, што со помош на своите книги ја следеа богослужбата, секој празник одреден број Евреи, по одреден редослед излегуваа пред олтарот. За излегување пред олтар се плаќаше. За таа цел шамасот од седиште до седиште и јасно ги нудеше одделните дејства кои се вршат при излегувањето пред олтар. Обично тоа беше отварање на шкафот со светите книги, вадење на книгите од шкафот, симнување на украсите од светите книги и стоење крај свештеникот додека чита одделни пасуси од Тора. Светите книги беа пергамент и рачно напишани. Беа во облик на ролни кои на краевите имаа украси. Секоја книга беше завиткана во кадифе кое беше навезано од жената дарител. Излегувањето пред олтарот се сметаше за голема чест. Додека шамасот на глас ги нудеше дејствата за излегување пред олтар, истовремено според знаците што му ги даваа заинтересираните верници на глас извикуваше кој колку ќе плати, и се разбира, излегувањето го добиваа оние кои ќе платеа најмногу. За време на излегувањето пред олтар верникот со крајчето од талетот ги бакнуваше своите книги. По читањето на соодветниот пасус, хахамот ги споменуваше имињата на умрените заради кои верникот излегол пред олтар. На крај според своите можности верникот даваше доброволни прилози за различни цели. При враќањето на своето место верникот беше следен со гласни честитки од присутните за извршената работа и дадените прилози.
Рабинот, хахамите и другите луѓе што се занимаваа за верските прашања не се истакнуваа со студиозни проучувања и толкувања на Библијата, Талмудот и Јудаизмот воопшто. Од друга страна многу Евреи ја читаа Библијата, но, не на хебрејски зошто ретко кој скопјанец освен хахамот го знаеше.
Во врска со верските прашања треба да се истакне дека сите венчавки се извршуваа во синагогата по одредена верска церемонија. И опелото за умрените се вршеше во синагогата при што Kadish читаше најстариот син на умрениот, а и самите подготовки за погребот се извршуваа по одреден верски ритуал.
Еврејската вероисповедна општина извршуваше и друг вид задачи, меѓу другото и административни работи за кои беше овластена. Општината се издржуваше од придонесите што ги плаќаа луѓето кои заработуваа, а висината на придонесот ја одредуваше посебно избран орган од граѓани, за секој член единечно. Општината ја организираше и шохетската служба. Исто така за Песах ја организираше изработката на мацот за bojus - леб без квасец.Во составот на општината работеа повеќе одбори и доброволни организации. Општината се грижеше за синагогата и за свештениците, а исто така, и за учителите Евреи кои работеа во еврејското основно училиште. Најпосле таа се грижеше и за семејствата на кои им требаше материјална помош.
...