Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995
Мориц Елазар
стр.
- 175
Скопје е
доста стар град. Луѓето во текот на времето го палеле и скрнавеле, а природата
плавела и разурнувала, па, Скопје секогаш одново било изградувано. Низ него,
по долината на Вардар, минуваа патишта кои го поврзуваа Исток и Запад, заради
што Скопје секогаш било цел, односно плен на многу патници и освојувачи. Значењето
на Скопје како културен и административен центар со текот на времето се менувало,
но трговијата во него секогаш била присутна и низ вековите на Скопје му давала
посебен белег. Во такви услови, најверојатном е дека Евреите почнале да се населуваат
во Скопје мошне рано. Сепак до крајот на Првата светска војна тие во Скопје
немаа особено значење и влијание како што имаа Евреите во Солун, Битола и во
уште некои градови во јужниот дел од Балканот. Ова се огледува и во степенот
на културата на скопските Евреи, кој не е на некое завидно ниво во моментот
кога Скопје во стара Југославија почнува да станува административен центар и
крстосница на повеќе патишта. Меѓу двете светски војни бројот на Евреите во
Скопје значително почнува да се зголемува така што пред Втората светска војна
ги имаше нешто повеќе од 3.000 или 4-5% од вкупниот број на жители.
Најголем
дел од Евреите во Скопје живееја во Еврејското маало (ние на шпански
едноставно го нарекувавме „la male“), кое се наоѓаше на левиот брег на реката
Вардар веднаш под Калето од неговата јужна страна. Кога се набљудува Еврејското
маало од брегот на Вардар се чини како тоа да се потпира на Калето. Меѓутоа
, не беше така, - меѓу нив постоеше една широка улица, во која се наоѓаа повеќе
дуќани, главно напуштени.
Поголем дел од
куќите од маалото беа изградени на старински начин и обично беа на спрат. Зградите
беа збиени и потпрени една на друга. Повеќето од нив имаа дворови со цвеќе.
Во некои од дворовите имаше повеќе згради со неколку семејства. Беше познат
дворот „Il karadi“, во кој имаше три до четири згради со повеќе жители. Улиците
- поарно кажано - сокаците беа криви и покриени со турска калдрма. Зиме и кога
врнеше имаше кал, а лете прашина.
Просторот
на Еврејското маало кој имаше олик на триаголник, од Калето благо се спушташе
кон Вардар, но самото маало не достигаше до неговиот лев брег. Во тој меѓупростор,
гледано од брегот на маалото од Вардар, од десната страна се наоѓаше Народниот
театар со мал парк, а од левата страна имаше две улици со модерни згради во
кои само по некаде живееја Евреи, но затоа и меѓунив се наоѓаше и зградата на
еврејскиот клуб, кој имаше силно влијание мна културниот живот на Евреите. Од
исток маалото граничеше со црквата Св. Димитрија и Камениот мост.
Со време
како што се зголемуваше бројот на Евреите, маалото стануваше се понаселено,
па затоа се поголем број на еврејски семејства почнаа да ги зидаат своите домови
и во другите делови на градот, на кои Евреите им даваа свои имиња. Така настанаа
имињата: Баданда, (Шест куќи) las ses kazas и други. Специфично е тоа што тие
семејства живееја едни до други или се групираа во одделни улици, така што осамени
еврејски куќи имаше малку. Поголема групација Евреи, надвор од маалото, живееја
во Баданда (на десниот брег на Вардар, во непосредна близина на таканаречениот
Дрвен мост), во населбата Буњаковец, кај Шест куќи или во населбата Идадија,
источно од учителската школа.
Севкупниот
верски живот се одвиваше во Еврејското маало. Тука беше синагогата, која
на шпански ја викавме Il kal grande! - Голем храм. За разлика од малиот
храм кој се наоѓаше на вториот спрат од една поголема зграда на Баданда. Синагогата
не се одликуваше со некој посебен стил, големина и убавина. Основата имаше облик
на правоаголник сместен по подолгата страна во правец север - југ. Во сутеренот
беа поставени седиштата, на кои седеа само возрасните мажи. Високо од сите страни,
освен од јужната, се наоѓаа галерии со столбови предвидени за жените и хорот.
Шкафот со светите книги се наоѓаше на зидот на јужната страна. Синагогата беше
сместена во самиот центар на Еврејското маало, на еден мал плоштад. Преку пат
неа, на истиот плоштад, се наоѓаше еврејското основно училиште во која се наоѓаше
и еврејската вероисповедна општина. Во истата зграда вежбаше и еврејскиот хор.
Во непосредна близина на синагогата се наоѓаше и зградата на младинскиот кен,
која понекого се користеше како забавиште за деца.
Еврејскиот
клуб на брегот на Вардар беше место за деловни состаноци и забава на постарите
мажи. Зградата на клубот беше солидна и модерна. На спратот на клубот имаше
неколку простории во кои членовите на клубот во слободното време играа шах,
карти, табла или се забавуваа со некој друг вид забава. Обично со чашка ракија,
филџан кафе и слично. Во сутеренот се наоѓаше голема сала со бина. Салата понекогаш
ја користеа и постарите, но таа првенствено им слижеше на младината за одржување
игранки, предавања, претстави и слично.
Еврејското
маало со тесен дрвен мост, кој Скопјани го нарекуваа Еврејски мост, беше поврзано
со десниот брег на Вардар. Вистина во непосредна близина беше и Камениот мост,
но, собраќајот меѓу Евреите и оние од маалото претежно се одвиваже преку Дрвениот
мост.
За жал, земјотресот во 1963 година до темел го разурна Еврејското маало.Така од лицето на земјата исчезна - по уништувањето на Евреите - и последната трага на една витална заедница која со векови постоела тука. Ново изграденото Скопје има сосема поинаква урбанистичка концепција со која и поимот на еврејското маало се повеќе исчезнува од сеќавањето на старите скопјани.
Евреите од Скопје
беа Сефарди. Ешкенази имаше малку. Тие, заради менталитетот и незнаењето на
шпанскиот јазик тешко се вклопуваа во животот на другите Евреи. Ние ги викавме
Тудескус или Ешкенази, но, често го употребувавме името Халахути кое немаше
некоја подбивна смисла како што тврдат некои, туку беше збор што го користеа
само младите.
Во Скопје
се зборуваше шпански но со специфичен изговор, акцент и интонација на говорот,
со поголем број хебрејски, турски и француски зборови. Називот ладиноза тој
јазик кај нас се користеше ретко - за нас тоа беше „il espanol“. Нашиот јазик
доста се разликуваше од шпанскиот на кој зборуваа Евреите од Битола, Белград,
Сараево и во други места во кои живееја Сефарди. Така што секој туѓинец веднаш
се препознаваше по изговорот.
Евреите во Скопје
живееја во добри односи со припадниците на другите националности (во Скопје
пред Втората светска војна, покрај Македонци, Срби и Црногорци, имаше и Турци,
Албанци, Роми, Грци, Власи и Руси - емигранти). Особено добри односи постоеја
меѓу еврејската младина и младината од другите националности. Сепак, треба да
се нагласи дека и дури и младите Евреи главно се дружеа меѓу себе.
Ретки беа
оние кои првенствено се дружеа со припадници од други националности. Оваа специфичност
особено дојде до израс во фактот дека во предвоено Скопје мешовитите бракови
беа вистинска реткост.
Повеќето
постари Евреи зборуваа грчки и турски, а некои и француски. Турски зборуваа
и повеќе вработени млади лиѓе со оглед на тоа дека во скопската чаршија турскиот
јазик се уште доста се слушаше. Младината која идеше на училиште повеќе се приклонуваше
кон учење на францускиот јазик за што придонесуваше и околноста што во Скопје,
во Баданда постоеше приватно француско училиште на господинот Дер во
кое учеа повеќе еврејски деца.
Во Скопје имаше
доста и еврејска сиромаштија, но, не и многу сиромашни Евреи (ниту еден Евреин
не просеше), благодареќи на солидарноста на целата еврејска заедница и дискретната
помош што таа им ја даваше на особено сиромашните семејства со многу деца. Затоа
и не е чудно што кај другите жители на Скопје постоеше убедување дека сите Евреи
се богати.
Меѓу Евреите имаше богати трговци кои работеа на големо со одделни видови стоки
(нинбершка стока, текстил, памук, житарици и друго), но, сепак тие небеа некои
крупни капиталисти во вистинска смисла на зборот. Најголем број од трговците
Евреи се занимаваше со проста трговија на мало, со што некој имаше поголем а
некој помал дуќан. Сепак, како снаодливи трговци беа заприметени во чаршијата
така што нивното значење изгледаше поголемо отколку што беше.
Многу Евреи се занимаваа со различни занаети. Посебно Еврејките од Скопје беа
познати како шнајдерки и модисткињи. Покрај трговците и занаетчиите во Скопје
имаше и неколку Евреи лихвари, повеќе застапници на некои југословенски и странски
фирми, и еден закупец на кина, и се разбира, повеќе приватни службеници вработени
во приватните фирми. Повеќе ситни трговци и занаетчии во време на светската
економска криза од 30-тите години ги изгубија своите дуќани.
Во самото Еврејско маало дуќани имаа Аврамику „Il kebapchi“ познат и
млад Евреин, кој приготвуваше одличен кашер грав, и специјалитети на скара,
и сињор Коен „Il bonbondzi “, кој, покрај разните видови торти и колачи,
правеше и вкусни колачиња од ораси, таканаречени „marichinos “, коко и бонбони
од бадеми обвиткани со слој од бел шеќер таканаречени “konfitis “, без кои ниту
една свадба ниту која било домашна свечаност не можеше да се замисли. Во Еврејското
маало беше познат и Il tio Hadgi „ Il dondurmadgi“ кој правеше вкусен
сладолет и го продаваше по улиците. Во маалото имаше и една фурна, две помали
меани и една кафеана.
Бо Скопје, пред војната, индустријата беше слабо развиена, а Евреи сопственици
на индустриски машини воопшто и немаше, освен сопственикот на една предилница
за фабрички килими. Еден Евреин беше сопственик на рудник на падините на Шар
Планина, а имаше и еден банкар - sinjor Arie.
Од интелектуалните професии треба да се истакнат неколкуте познати лекари,
заболекари и аптекари, кои имаа свои приватни ординации, односно фармации. Во
Еврејското училиште имаше неколку што работеа како учители. Познати беа господин
Барзалеј, sinjor Bertran, господин Коен, господин Бехар
и Гиверат Регин која беше позната по името, а не по презимето. Тие предаваа
специфични Еврејски предмети и со тоа придонесуваа за развивањето на националната
свест кај младите Еврејчина. Адвокати немаше се до пред Втората светска војна,
кога своја канцаларија отвори дипломираниот правник Хаскел Катаривас.
Во државната служба имаше малку Евреи: еден професор по јазик, неколку млади
банкарски службеници, еден офицер, еден актер, еден службеник во Монополот за
тутун и уште по некој. Постарите генерации беа слабо заинтересирани за политичките
и другите проблеми на Скопје. Сепак, повеќе постари писмени луѓе, читајки српси,
турски и други весници, меѓусебно дискутираа за различни политички проблеми
во светот и притоа ги коментираа одделните режими или држави. Специфично беше
што политиката особено се „бистреше“ во попладневните часови кога ќе се заврши
работата. Тогаш се изнесуваа столчина пред дуќаните се седеше со деловните пријатели
и соседи и се дискутираше, задолжително со кафе и локум што младите ги носеа
од блиските кафеанчиња.
Во
Скопје имаше повеќе луѓе со шпанско државјанство, помал број со грчко (повеќе
доселеници од Солун) и неколку со италијанско. Причината за таа појава денес
е тешко да се објасни. Најверојатано дека странските државјани за време на Турците
имале извесни привилегии па затоа тие луѓе во Југославија, по инерција, го имаа
задржано државјанството што го имале пред Првата свтска војна. Одделни стари
Евреи патуваа во Палестина за да го видат Ерусалим. Тие патници на своето име
му го додаваа „хаџи“. Меѓутоа, многу малку од нив и се доселиле во Палестина.
Веќе истакнавме
дека културното ниво на Скопските Евреи, веднаш по Првата светска војна, во
просек, и небило особено на некое високо ниво. Меѓутоа, со текот на времето
еврејските деца масовно почнаа да се школуваат и може да се констатира дека
меѓу помладите генерации Евреи воопшто немаше неписмени, иако процентот на неписмените
од вкупните жители на Скопје и пред Втората светска војна беше релативно висок.
Непосредно
по Првата светска војна, еврејските деца, според местото на живеењето, одеа
во најблиското основно училиште кое имаше четири одделенија. Но, во 1924 или
1925 година поголемиот број деца беа упатени во еврејското основно училите кое
тогаш беше формирано. Значителен дел од тие деца понатака не се школуваше. Веднаш
по завршувањето на училиштето одеа на занает или во трговија. Некои се школуваа
во училиштето на трговската младина, кое работеше само во недела.
Децата на
средноимотните продолжуваа да се школуваат во нижата гимназија, која исто така
траеше четири години (мала матура), а многу од нив после одеа во средните училишта,
најповеќе во државната Трговска академија. Поголем број од тие момчиња и девијки
сепак остануваа без работа по завршеното школување. Само мал бро на младинци
одеа на студии. Во Скопје од високите училишта постоеше само Филозофскиот факултет,
на кој дипломираа само тројца Евреи. Повеќето студенти студираа на факултетите
во Белград и Загреб, но нивното влијание по дипломирањето не се чуствуваше во
Скопје, со оглед на тоа дека Втората светска војна беше започната па условите
за нивна стручна активност беа многу тешки.
Скопските
Евреи беа вредни и штедливи. По менталитетот беа доброќудни, стрпливи и љубопитни,
секогаш расположени за шега, песна и музика без надуеност и истакнување на меѓусебните
социјални разлики. Посебното посебно се однесува на младината. Општо, земено
може да се тврди дека манталитетот на постарите генерации му одговараше на менталитетот
на луѓето од Средоземјето, со тоа што околноста дека беа Евреи и дека со векови
живееја под Турците на тој менталитет му даваше специфичен карактер. Младината
брзо ги освојуваше новите погледи на свет и почна се повеќе да се разликува
од старите.
Многу Евреи имаа
свое место во синагогата за кое годишно плаќаа сума пари. Постарите Евреи беа
доста побожни. Сепак имаше се помалку луѓе кои со тофилим ја извршуваа утринската
молитва. Традицијата и обичаите строго се почитуваа, На Сабат постарите не работеа.
Ниту, пак, пушеа и палеа оган. Но, од младите ретко кој се придржуваше кон тоа.
Празнувањето на Сабат започнуваше во петок навечер. Меѓутоа, вечерата за почеток
на празникот не се состоеше од грав и риба, како во повеќе заедници во светот,
туку од некое варено јадење задолжително со „pstiliku di karni“ и тврдо варени
јајца варени со љушпа од кромид тоа се вика („huevus inhaminadus“). Јајцата
обично се вареа или печеа во фурна. Вечерта спроти Сабат во повеќето куќи во
кои домаќинките беа постари луѓе започнуваше со „Kidush“) - молитва со чаша
густо црно вино. Религијата во секојдневниот живот беше насочена кон одржување
на личната хигиена. Веднаш по станувањето, додека не се измијат односно, додека
се „inkunadus“ (нечисти), повеќето постари Евреи не се поздравуваа ниту, пак,
јадеа. Миењето раце беше задолжително и пред ручекот и пред вечерата. Но, притоа
соодветни молитви изговараа само постарите луѓе. Пред спиење повеќетоја изговараа
молитвата „ Shema Izrael“, но, тоа беше повеќе искључок отколку правило. На
вратите од речиси сите еврејски куќи имаше ставено mezuzot.
Што се однесува до храната, во повеќето еврејски семејства најчесто се јадеше
кашер, заради што еврејската вероисповедна општина организираше колење на добиток
во кланици во присуство на шохетот. За колење на животни шохетската служба беше
организирана во дворот на еврејското училиште, односно луѓето ја донесуваа живината
која шохетот ја колеше за минимална надомест.
Исто така, при јадењето не смееја да се мешаат млекото и производите од млекото
со месо. Односно, се внимаваше да се изеде се она што е од млеко, а подоцна
она што е од месо. Меѓутоа, младите не се придржуваа на овие норми, особено
надвор од дома.
Не постоеше еврејско семејство во Скопје во кое обрежувањето на машките деца
и стапувањето на еврејските момчиња (во 14-тата година) меѓу полноправните членови
на верската заедница небеа сметани за најголеми семејни празници. Среќните родители
не жалеа ни сретства ни труд за што поарно да ги нагостат и развеселат гостите.
За „bar misva“ момчињата долго време се подготвуваа за одредениот ден обично
во сабота, со помош на хахамот да прчитаат одреден посус од Тора. По тој повод
славјеникот добиваше подароци од родителите, роднините и пријателите. Скопјаните
ги сакаа и женските деца, но, веселбата за новородените женски деца небеше толку
голема како кога ќе се родеше машко.
Еврејските празници се прославуваа мошне свечано. За поважните празници, на
малиот плоштад пред синагогата се организираше еден вид панаѓур на кој се продаваа
свирчиња, петарди, пиштолчиња, топки, балони и други ситнурии за деца. Дека
е празник се чуствуваше низ целата еврејска заедница: сите беа облечени во ново,
искапени избричени и добро расположени. Мажите, особено оние постарите, задолжително
одеа во синагогата, додека жените во тој поглед беа помалку ревносни. Младината,
се разбира, не се придржуваше кон сите норми, но, сепак, извесен број машки
деца присуствуваа на богослужбата. Занив, зад седиштето за мажи беа поставени
неколку редици со обочни дрвени клупи. Богослужбата во синагогата ја извршуваше
хахамот Моше Бахер. Сите мажи ја следеа богослужбата и самите читајќи
од Тора и од своите книги. Талетот најчесто беше изработен од обично бело памучно
или свилено платно со реси, на кои имаше јазли колку што имаше зборови во молитвата
„Shema Izrael“ (врзувањето на јазлите го правеше само стручен човек, односно
хахам). Читањето на молитвата се вршеше според одредена интонација и ритам кои
го знаеа само луѓето кои се занимаваа со таа работа. За некои текстови имаше
и многу мелодични арии, кои сите присутни во синагогата ги пееа на глас. За
жал, повеќето од тие мелодии се заборавени.
Освен тоа, што со помош на своите книги ја следеа богослужбата, секој празник
одреден број Евреи, по одреден редослед излегуваа пред олтарот. За излегување
пред олтар се плаќаше. За таа цел шамасот од седиште до седиште и јасно ги нудеше
одделните дејства кои се вршат при излегувањето пред олтар. Обично тоа беше
отварање на шкафот со светите книги, вадење на книгите од шкафот, симнување
на украсите од светите книги и стоење крај свештеникот додека чита одделни пасуси
од Тора. Светите книги беа пергамент и рачно напишани. Беа во облик на ролни
кои на краевите имаа украси. Секоја книга беше завиткана во кадифе кое беше
навезано од жената дарител. Излегувањето пред олтарот се сметаше за голема чест.
Додека шамасот на глас ги нудеше дејствата за излегување пред олтар, истовремено
според знаците што му ги даваа заинтересираните верници на глас извикуваше кој
колку ќе плати, и се разбира, излегувањето го добиваа оние кои ќе платеа најмногу.
За време на излегувањето пред олтар верникот со крајчето од талетот ги бакнуваше
своите книги. По читањето на соодветниот пасус, хахамот ги споменуваше имињата
на умрените заради кои верникот излегол пред олтар. На крај според своите можности
верникот даваше доброволни прилози за различни цели. При враќањето на своето
место верникот беше следен со гласни честитки од присутните за извршената работа
и дадените прилози.
Рабинот, хахамите и другите луѓе што се занимаваа за верските прашања не се
истакнуваа со студиозни проучувања и толкувања на Библијата, Талмудот и Јудаизмот
воопшто. Од друга страна многу Евреи ја читаа Библијата, но, не на хебрејски
зошто ретко кој скопјанец освен хахамот го знаеше.
Во врска со верските прашања треба да се истакне дека сите венчавки се извршуваа
во синагогата по одредена верска церемонија. И опелото за умрените се вршеше
во синагогата при што Kadish читаше најстариот син на умрениот, а и самите подготовки
за погребот се извршуваа по одреден верски ритуал.
Еврејската вероисповедна општина извршуваше и друг вид задачи, меѓу другото
и административни работи за кои беше овластена. Општината се издржуваше од придонесите
што ги плаќаа луѓето кои заработуваа, а висината на придонесот ја одредуваше
посебно избран орган од граѓани, за секој член единечно. Општината ја организираше
и шохетската служба. Исто така за Песах ја организираше изработката на мацот
за bojus - леб без квасец.Во составот на општината работеа повеќе одбори и доброволни
организации. Општината се грижеше за синагогата и за свештениците, а исто така,
и за учителите Евреи кои работеа во еврејското основно училиште. Најпосле таа
се грижеше и за семејствата на кои им требаше материјална помош.
Во
еврејското училиште учеа најголем број од еврејските деца. Само извесен број
од оправдани причини учеа во други училишта, а и тие мораа да полагаат испит
од веронаука во еврејското основно училиште.
Општо образовните предмети во ова училиште предаваа квалификувани учители Срби.
Познат беше учителот Тихомир Јоковиќ, кој извесно време беше и секретар
на еврејската вероисповедна општина. Од посебните еврејски предмети треба да
се истакнат: читање на хебрејска молитва, Хагада и Светото писмо, веронаука
со историја на Евреите и хебрејскиот јазик. Еврејски учители предаваа и француски
јазик. Преку овие предмети децата се воведуваа во основите на одредени области
и се даваше специфичен карактер на сефкупната настава, Треба да се споменат,
во врска со еврејското училиште, и мошне омилените излети во околината на Скопје
кои училиштето ги организираше за време на Lag baomer. На тие излети береа цвеќе
со кое го закитуваа училиштето и своите домови за празникот Shavuot.
Особено внимание заслужува Еврејскиот хор во Скопје, со кој раководеше прочуениот
диригент господин Шијачки. Хорот беше квалитетен и имаше посебно важна
улога во културниот живот на Скопје. За време на поважни празници или прослави
пееше и во синсгогата религиозни состави од познати композитори Евреи. Хорот
со ивесна надомест пееше и на свадби и на други свечености. Покрај еврејскиот
хор активен беше и хорот на учениците „Bijalik“, со кој диригираше особено талентираниот
младинец Моис Хасон.
Еврејскиот
клуб организираше разновидни добротворни акции, а понекогаш и забави што беа
доста посетени, со оглед на тоа дека скопските Евреи беа дружељубиви и сакаа
да се забавуваат. Во врска со приредбите треба да се истакне дека во одделни
населби во кои имаше повеќе Евреи за време на спарните летни вечери спонтано
се организираа разни седенки и на кои се пееше, играше, свиреше, се кажуваа
вицеви и анегдоти. Во тоа време особено беа популарни стиховите кои се пееја
на одредена мелодија која се викаше „ој лагарио, лагарја“. Многу еврејски момчиња
беа вистински мајстори на пеењето и составувањето стихови. Па затоа и алузиите
на тие стихови силно и непогрешиво ги погодуваа луѓето и појавите на кои се
однесуваа, што предизвикуваше општо одобрување и смеа кај насобраната публика.
Скопските
Евреи беа мошне музикални ја сакаа песната и музиката особено ги сакаа романсите
со најразлична, најчесто романтична содржина. Повеќето од нив со шпанско или
мексиканско потекло, а најчесто плод на музичкиот гениј на сефардските Евреи.
Покрај овие романси често се пееја турски, грчки, српски и особено македонските
песни.
Од младинците
најпознат пеач во тоа време беше Ил Малхо кој знаеше голем број шпански
и мексикански песни што со радост ги пееше. Многу Евреи во Скопје свиреа на
различни инструменти. Немаше друштво од момчиња и девојчина во кое некој не
знаеше да свири на гитара, мандолина и виолина. Познати беа како одлични виолинисти
Саул Амариљо и Хаим Ноах. А како челист извонредниот Ељо Коен.
Во Скопје имаше и Евреи професионални музичари - „Los chalgidis“ кои свиреа
по куќите по повод домашните свечености.
Евреите беа
редовни посетители на народниот театар кој во тоа време даваше претстави на
завидно ниво. Треба да се истакне дека Евреите посебно ја сакаа комедијата така
што делата на Нушиќ им беа најпривлечни. Младината беше заинтересирана
за дела со социјална содржина. Најпосетена беше поставката на „Господа Глембаеви“
со Рашо Плаовиќ во улога на Леон. Често се посетуваа и кината.
Еврејската општина во Скопје преживува мошне различен и бурен развој. Иако формирана релативно во конзервативна средина, мошне брзо започнува да ги прифаќа новите идеи и се повеќе се интересира за науката и политиката, за социјалните и другите проблеми. Во соработка со интелектуалците од загрепската еврејска заедница, младината во Скопје се подлабоко навлегуваше во политичките и други проблеми врзани со еврејството.Од таа соработка се развива и масовно движење, кое најповеќе ја опфаќаше школската младина.Тоа движење немаше само политички карактер. Тоа културно ја препороди младината. Најголемиот дел од младината се определи за Hashomer Hacair. Нивната активност се одвиваше во рамките на младинскиот кен, кој организираше разни претстави, забави, предавања и состаноци што доведе до создавање до една монолитна и сеопфатна младинска организација. Овие младинци за време на летниот одмор одеа на посебно организирани конференции, летувања и логорувања. Таму се среќаваа со истомислениците од целата земја ,а често и од странство. На тие состаноци се разгледуваа разни политички и организациони прашања со што се придонесуваше за развојот на еврејската култура кај младината.Така во Скопје почнаа се почесто да се пеат хебрејски песни и да се игра хава, се почесто да се дискутира за проблемите на Палестина и еврејството воопшто. Освен приврзаниците на движењето Hashomer Hacair имаше приврзаници на Владимир Жаботински. Тие се нарекуваа „бетарим“ и две-три години по ред се состануваа со своите истомисленици од други групи од Југославија на логорување близу Палиќ кај Суботица. Меѓутоа, ова движење не се здобија со симпатии од пошироките маси.
Повеќето младинци
во 30-тите години заминаа во Палестина и таму се вклучија кон извесни кибуци.
Некои од нив се живи и денес: Хаим-Ниџа Салмон и Алмон-Бата Рубен.
Од луѓето кои пред војната заминаа во Палестина се уште е жив Дико Тијано,
кој и во Израел долго време бил цариник, а сега пензионер. Од еврејската младинска
средина често поникнуваа организатири на на културниот и јавен живот во Скопје.
Со спојувањето на различни организации на младината создадена е културно-литературното
друштво Гидеон. Друштвото често организираше литературни состаноци на кои се
читаа творби на членовите. Често се организираа предавања, игранки, се изведуваа
скечеви, претстави и слично.
Предавањата се организираа во еврејскиот клиб и беа доста посетени. Темите небеа
само од еврејска тематика, туку опфаќаа и пошироки опшествени, политички и економски
прашања. За предавачи беа канети познати скопски стручњаци за поедини прашања.
Еве неколку теми од предавањата одржани во еврејскиот клубод 1936 до почетокот
на војната: „Ционизам, основање, развој и цели на движењето“, „Аферата Драјфус“,
„Граѓанската војна во Шпанија“, „Палестина и проблемите врзани за неа“, „Тајната
трговија со оружје во светот и нејзините дострели“, „Нафтата и борбата на големите
сили за петролејските извори“ итн.
Од претставите треба да се истакне незаборавната „Еврејка“ - драматизација на
истоимената опера на композиторот Халеви. Претставата во 1939 година
беше изведена во Народниот театар и го привлече вниманието на целата културна
јавност во Скопје. Се изведуваше на отворена сцена и при изведбата неколкупати
дојде до френетичен аплауз и овации. Претставата бесплатно ја режираше актерот
и режисер Јосиф Срдановиќ. Управникот на народниот театар господин Живоиновиќ
заради изведбата на „Еврејка“ бесплатно ја беше отстапил и салата и севкупниот
потенцијал на театарот. Приходот од претставата беше наменет за фондот Keren
Kajemet. Сите улоги ги играа младинци Евреи, освен улогата на таткото на Еврејката,
што ја играше прфесионален актер Исо Конфино. Еврејката ја играше Ниника
Асео. Забележани беа и улогите на принцот (Леон Катаривас), претседателот
на Инквизицијата (Пепо Коен) и членот на Инквизицијата (Дано Рубен).
Со посебен аплауз пеше поздравен и актерот Исо Конфино. Еврејската младина
беше активна и во акциите што ги организираше КПЈ и напредната младина на Скопје.
На излетите што се организираа во околината на Скопје, често се дискутираше
за проблемите на работничката класа и за други политички прашања.
Како параван
пред полицијата служеше илегалната организација Југословенско - чешка лига во
која членуваа напредни скопски интелектуалци и членови на КПЈ. Во оваа организација
соработуваа и извршуваа разни задачи и младинци Евреи.
На крај треба да се спомене дека еврејската младина во повеќе обиди настојуваше да создаде услови за разни видови спортски активности. Се формираа и извесни клубови (гимнастичарски клуб „Makabi “, фудбалскиот клуб „Esperansa“). Беше набавена и опрема и реквизити но постигнатите резултати не беа со долг век. Причината треба да се бара во недостатокот на простории и поголеми финансиски сретства, односно во неразбирањето на постарите генерации за ваков вид активности. И покрај тоа, спортската активност беше присутна кај еврејската младина преку членството во други спортски организации (гимнастичарска организација „Сокол“) и во други спортски клубови.
Poslovice,
izreke i price, Sefardskih Jevreja Makedonije
Жамила Колономос
стр.8
Во архивот во Дубровник постојат повеќе документи за доселување на Евреите во
Скопје. Во мај 1502 год. Самуел Риком склопил договор со водичи од Херцеговина за
превоз на неговата дружина и товар, натоварени на 46 коњи до Скопје. Во документ
од 1544 год. се наведува дека во Скопје имало 32 еврејски семејства и 6 неоженети
Евреи.
Значаен е
документот од 16 век во кои е даден детален опис на еврејските куќи во еден
дел на Скопје. Куќите имале приземје и спрат со балкон и тараса, а дворот бил
посебен за секоја куќа или заедничко.
стр.9
Во 16 и 17 век во Битола и
Скопје се формираат јаки еврејски општини со училишта, синагоги и други културни
и хуманитарни установи. Преку Битола
и Скопје солунските и цариградските Евреи ја пренесувале стоката на нови пазари
и со тоа допринесуваат на брзиот развој на овие градови.
уредил Милан
Ст. Недељкович
Скопље 1928 год.
стр.
89
Над
христијанските гробишта во Скопје, преку железничката пруга се наоѓаат и Еврејските
гробишта, кои се оградени, има свои чувар и се одржува во најдобар ред.
Сеќавања
Марика Калдерон Петровиќ
стр.
- 199
Нашиот татко, Јаков-Бохор Калдерон уште како младинец, со родителите
ја напуштил Битола и се населил во Скопје. Како најстаро дете имал и занает,
од мали нозе работел со татко му, а подоцна и со браќата. Беше терзија. Терзискиот
занает се ценеше доста, а мајстоеите беа ретки бидејќи работата беше тешка и
пипава. Татко ми беше вистински уметник на својот занает. Се сеќавам дека во
нашиот дом неговите работи се чуваа како реликвии, зошто беа така направени
да не поверуваш дека беа направени со рака. Се чуваше неговото венчално одело
од тежок свилен брокет со сина боја извезен со срма и сребро. И венчалната опрема
на мајка ми, ја имаше направено татко ми. Еднаш или двапати годишно ние децата
ќе измолевме да ни ги изнесат овие облеки за да им се восхитуваме. Никогаш незнаев
што попрво да гледам: дали материјалот кој после толку години беше убав и блескав
или да се восхитувам на трпеливата и педантна работа, се бод до бод ниту еден
погрешен ниту еден од редот. Оделото на татко ми се состоеше од антерија, свилена
кошула и панталони, а опремата на мајка ми од свилена кошула елече од сомот
извезено со срма, долго здолниште од сомот, над сето тоа капут од дебел црвен
сомот поставен со крзно кое се гледаше од ивиците на капутот. За на глава имаше
тукадо: капче со дукати редени во круг. На темето беа неколку редови крупни,
а од страните беа се поситни и поситни. Под капата имаше шамија тенка свилена,
порабена со прекрасна чипка и изеклана од најтенок конец што може да се замисли.
Со време, терзискиот занает замре, машините почнаа да ја заменуваат рачната
работа и тако ми се преорјетира на кројачкиот занает. Работата ни цутеше. Отвори
дуќан со готови одела и имаше повеќе работници. Дуќанот се наоѓаше покрај самиот
Бит-пазар.
Во вторник беше пазарен ден и имаше голема турканица во дуќанот поради што татко
ми не стигнуваше да си дојде дома и да си руча. Како најмало дете јас му носев
ручек и признавам тоа го правев со најголемо задоволство. Во најживиот ден во
неделата трбаше да се мине низ целата чаршија полна со мали и големи дуќани.
Сета стока беше изнесена пред дуќаните и се продаваше на улица. Насекаде имаше
луѓе и џагор и додека јас го разгледував секој излог, секој ќепеник, со задоцнување
стигнував пред дуќанот и секогаш татко ми ме караше заради тоа.
Мајка ми Вида, Родена Садикарио, исто така беше по потекло од
Битола. Беше херој жена со многу деца, која секогаш се постигнуваше. Бевме осум
деца, едно на друго до уши. Никогаш ја немав видено да се одмара. Ние ќе легнефме
- таа остануваше да работи, појадокот веќе беше подготвен и кујната средена.
Секогаш работеше се сама, а нејзините раце никогаш небеа невработени. Секогаш
додека седеше плетеше, тогаш се носеа плетени чорапи и постојано на некој му
плетеше нешто, еклаше или шиеше.Во куќата имаше постојано гости и во и за трпезата
имаше помалку од 12-13 особи, И ден денес и се восхитувам како можеше се да
постигне. ......
Во куќата се живееше со еден патријахален живот и се знаеше точно каде му е
местото на секој. Татко ми никогаш не се мешаше во работите на мајка ми, а ние
децата кога ќе посакавме да му се пожалиме ќе речеше дека ќе биде онака како
ќе каже мајка ни. Со нас се гордееше многу. Но, и бараше од нас да бидеме дисциплинирани
и послушни. Кога се враќаше од работа бараше да бидеме сите заедно, измиени,
со чисти престилки и секој за своето место за трпезата. Пред секој ручек или
вечера се читаше молитва секој пат читаше друго дете.
Двапати годишно не носеше во дуќан и не облекуваше од глави до петици. Секој
бараше што сака според својот вкус.
Живеевме во еврејско мало, покрај синагогата, општината и училиштето така што
и не ни беше тешко да бидеме активни во заедницата.
Од прво до трето учев во училиштето „Бранко Радичевиќ“ а веронаука учев во еврејската
општина, каде што уште од претшколска возраст одевме кај гиверет Регина кој
не учеше хебрејски, да играме и пееме. Во училиштето хебрејски не учеше учителот
Јосиф Бахер, кој мошне се трудеше да не научи на сите правила на хебрејскиот
јазик. Во четврто одделение во самата општина адаптиравме просторија за училиште
и од сите места се собиравме тука. Ние, децата од Еврејското маало наеднаш се
почуствувавме како деца од втор ред - бидејќи дојденците беа главно од приватни
училишта каде повејќе се учеше француски и кои беа посамоуверени зашто имаа
богати родители. Не одвоја од школските другари Македонци и Срби и напросто
се чуствував дека живеам во една затворена заедница.
Во гимназија
повторно сите се измешавме, а животот го продолживме во клубот, бидејќи живеевме
во срцето на Еврејското маало сите бевме активни во работата на еврејската заедница.
Јас бев најмлада и секогаш им завидував на постарите. Се сеќавам, по кажување
дека нашата најстара сестра за време на Првата светска војна била доброволна
болничарка која во болницата ја пратија преку еврејската општина. Се собираа
и доброволниприлози за ранетите со што и Евреите беа вкључени во хуманитарни
акции. Се собираа и прилози за Керен Кајамет за што добивме и касичка и се натпреварувавме
кој повејќе ќе собере.
страна - 201
Културниот
живот беше мошне жив. Една година се поготвуваше драма за Драјфус. Мојот најстар
брат го играше адвокатот што го оптужува Драјфус. Додека тој ја подготвуваше
улогата, сите во куќата учевме заедно сонего. Претставата беше одржана во театарот.
Два до три
пати годишно се изведуваа приредби со програма, кои со денови се поготвуваа
во клубот. А секоја година имаше и маскенбал. Подготовките за маскенбалот во
нашиот дом одсекогаш беа возбудливи. Сите постари деца одеа на маскенбалот и
приготвуваа маски. Секоја година се поригинални. Една година мојот брат нестигна
да подготви маска па целиот нажален и се жалеше на мајка ми. Мајка ми тогаш
му вети специјален костум - и од шкафот го извади нејзиното и венчалното одело
на татко ми. Ја натераа и сестра ми да се облече да му биде пар на братот, убедувајќи
ја дека сигурно ќе добијат првата награда. И навистина ја добија првата награда.
стр.
202
Најзанимливо беше пред некој празник. Секој празник се славеше поинаку и
поинаку се подготвуваше. Јас најмногу го сакав Пурим кога се приготвуваа
специјални колачиња и подароци за деца. Колачината и подароците се носеа на
специјални послужавници, таканаречени платикус. На самиот ден на Пурим секогаш
имаше панаѓур околу синагогата: се играше и пееше, се свиреше и ние децата купувавме
играчки и медени колачиња. За тој ден децата од училиштето подготвуваа приредба,
се зборуваше за кралицата Естер и Мордехај. После Пурим доаѓаше
Песах. Две-три недели пред празникот татко ми не тераше да ја вежбаме Хагада.
Како најмала, додека се читаше и пееше, јас на грбот ја држев салфетата во која
беше завиткан боју, специјален леб без квасец. Секогаш заспивав, но никој не
можеше да ме оддели од тој товар бидејќи ни зборуваа дека оној што го носи прв
ќе стигне во Палестина.
За Песах секогаш се собираше целото семејство, и тоа две ноќи по ред-сите пееја
и младите свиреа и играа. Се пееја специјални песни за таа пригода до доцна
во ноќта а младинците остануваа до зори. Кај нас обично се збираше целото соседство,
имавме стан со големо претсобје и мајка и татко кој уживаа да гледаат како младината
се забавува.Не заборавни беа подготовките за Rosh - ashana . Со денови се месеше
и се готвеше за после богослужбата во синагогата целото семејство да дојде и
на родителите да им ја честита Новата година.Додека траеше богослужбата ние
децата бевме собрани околу синагогата - момчињата ја имаа честа да имаат одделни
простории во кои можеа да ја следат службата. А ние девојчињата си игравме надвор.
Така беше и за Kipur. Родителите по цел ден беа во синагогата, а ние во дворот
си игравме со ореви, со топка или скокавме преку јаже, без контрола. Во приквечерината
после шофар одефме сите заедно крај брегот на Вардар да се исчистиме од сите
гревови. За мене тоа беше посебно доживување, бидејќи се чекаше до појавата
на првата звезда.
Прпславувањето на Hanuka беше нешто посебно. Задолжително подготвувавме програма
со палење на свеќички, а дома, осум ноќи по ред палевме ханукин и пеевме пригодни
песни. Татко ми до долго во ноќта читаше и го толкуваше значењето на овој празник.
Се сеќавам како една година гласно и весело го празнувавме празникот Sukot -
празник на колибите. Тој сам посебе беше мошне интересен токму поради колибата
на прачки која секоја година се правеше во дворот. Во тоа учествувавме сите.
Најинтересно беше закитувањето на колибата. Колибата прво се закитуваше прво
од надвор па потоа со цвеќе, а одвнатре се украсуваше со најубави рачни работи.
Зидовите беа обложени со теписи. Тука осум дена и ручавме и вечеравме, а на
децата им беше дозволено и преку ден да играат тука. Секое домаќинство се натпреваруваше
чија колиба ќе биде најубава. Таа година татко ми беше хатан - домаќи на прославата
во синагогата. Од синагогата по богослужбата сите беа повикани кај нас на вечера
и веселба.Се сеќавам, мајка ми и татко ми ги закитија со цвеќе и се играше и
пееше до доцна во ноќта.
Татко ми и мајка ми беа доста побожни, но не и ортодоксни. Саботите се прославуваа
според сите наши обичаи и ритуали. Уште во четвртокот започнуваа подготовките
за в сабота. Моравме цел стан да го истресеме, исчистиме и средиме. Гравот и
јајцата ги варевме уште во четвртокот. А во петок се месеше и готвеше за два
дена. Гравот беше за во петок навечер како и рибата, а без пастилику и јајцата
не можеше ни да се замисли прославата на Erev Shabat. По вечерата имаше разни
колачи печени ораси, бадеми и семки. Се натпреварувавме кој ќе изеде повеќе
семки. Кога татко ми се враќаше од синагогата сите моравме, свечано облечени,
да бидеме крај трпезата. Масата секогаш беше свечано украсена. А на средина
на послужавник стоеше домашен леб покриен со специјална везена покривка. Потоа
се читаше кидуш.
Во сабота кај нас не смееше да се работи ништо.Татко ми не одеше на работа,
дури и оган не палевме. Обично доаѓаше некој од работниците од дуќанот да ни
го запали, а мајка ми секогаш го задржуваше на доручек.За секој работник подготвуваше
по еден пакет со различни јадења и задолжително со питикас - погачки. Сите млади
во собата се забавувавме, а навечер татко ми ни ја читаше и толкуваше Библијата.
Сето тоа беше толку убаво додека сите бевме малечки и на куп. После пораснавме
и еден по еден си одевме од дома. Сестрите се омажија, а постариот брат се
ожени. Првата сестра се омажи по долго чекање бидејќи вереникот беше во Првата
светска војна. Кога си дојде беше приредена голема свадба и вистинска веселба.......
Ние помладите деца бевме активни во клубот. Се собиравме таму и дискутиравме.
Нашата грнерација беше поинаква и поактивна од предходните. Имавме и Makabi,
а вежбавме за време на летниот распуст во училишниот двор а во зима во некоја
училница. Се сеќавам на нашиот Хавер Адолф Барух, кој вежбаше со постарата
група и Леон Адижес кој се грижеше за помладите. Идевме скоро секоја
недела на излети каде што најмногу се зближивме.
Секое лето се одеше на hahshara , но нас родителите не не пуштаа. Не можеа да
замислат да појдеме надвор од Скопје без нивна контрола. Тоа неможев да им го
простам, но тоа беше цената на нашето патријахално воспитување.
Имавме хор кој го подготвуваше чичко Перо Илиќ,прекрасен човек. Многу
се залагаше да не научи убаво да пееме. Кога се подготвувавме за некој концерт,
беше неуморен. Не го мрзеше да работи со нас до длабоко во ноќта. Обично вежбавме
двапати неделно, и пеевме во синагогата за големите празници и при венчавките.
Нучив голем број црковни песни кои и ден денес ги потпевнувам.
Имаше и многу прекрасни серенади и се случи мојата прва љубов. Речиси секоја
вечер се свиреше и пееше под мојот прозорец. Стравував да не се разбуди татко
ми, па брзо станував и давав знак со сијалица дека е доста со музика. Утредента
мајка ми и татко ми се преправаа дека ништо не чуле, или пак ме закачкаа по
малку , но никогаш не се лутеа за тоа. Зборуваа дека секоја младост има начин
на живот. ...
Во 1931-1932 година доаѓа онаа тешка финансиска криза. Работата на татко ми
запре, а најверојатно и готовината беше намалена заради мажењето на трите ќерки.
Во тоа време кај Евреите ниту една девојка не можеше да се омажи без мираз.Секогаш
се бунтував, како да продаваат коњ, но таков беше адетот. Татко ми мајка ми
браќата и една сестра се преселија во Белград и таму отворија дуќан. Ние двете
најмали сестри останавме во Скопје кај постарите сестри до завршувањето на школската
година.
Тешка беше разделбата со моето Скопје, со другарките со кои пораснав. Одев во
забавиште, на училиште, бев со нив и дома и на улица. Не знам на која прво да
се сетам. Сите ми се во срцето, дали трите Лори, или Рашела, Ниника,
Ребека, Леа, Сара, Солчи ..
Во Белград
татко ми и браќата во улица Крал Александар продаваа стари и нови работи. Новата
конфекција ја шиевме сами, а старите работи беа купувани..... Живеевме веднаш
до дуќанот. Сите моравме да работиме: шиевме, крпевме и паралелно учевме. Во
почетокот на сестра ми и мене ни беше ужасно. Но пречеше што живеевме во мал
стан, а уште и моравме да одделиме и едно ќоше за шиење. Животот ни се измени
од корен. Живеевме во двор во кој имаше повеќе жители и тоа повејќето битолчани
кои, исто така, дојдоја во Белград по парче леб. Сите имаа многу деца и многу
проблеми ...
Татко ми
веќе беше стар и често поболуваше. Не можеше да работи како порано. Се повеќе
читаше и одеше во синагогата. Во Белград синагогата беше доста оддалечена од
нас, па почна да ги собира Евреите од нашиот крај и да одржува служба по куќи.
Татко ми се завзеде во Еврејската општина за да се отвори некоја мала синагога
во улицата Крал Александар, а тој доброволно да држи служба. Општината им излезе
во пресрет, инајмија еден стан и набавија опрема за богослужба. Така сите се
собираа за празниците и од тогаш заеднички почнавме да ги славиме сите празници
и ми се чини дека на битолчаните тоа многу им се допаѓаше, бидејќи беа значително
по религиозни од нас скопјаните. Беа примитивни, но добри и смели луѓе. Иако
болен татко ми должноста хамам не ја занемаруваше до последниот миг ... Со неговото
умирање нашиот живот многу се измени. На денот на погребот на татко ми сите
дуќани во улицата беа затворени. Сите дојдоја на гробиштата да му оддадат последна
почест. Според обичајот, седум дена седевме на црна простирка на подот, пријателите
и соседите секојдневно ни носеа храна, зошто оние во жалост нетреба да готват.
Се натпреваруваа кој ќе ни донесе појадок, ручек, вечера, а куќата тие седум
дена секогаш ни беше полна. ...
Сестра ми
се омажи, јас исто така, но за Србин. За семејството, особено за мајка ми тоа
беше страшно. Таа беше толку побожна што никако не можеше да се помири дека
се мажам за христијанин. Немаше ништо против мојот изабраник, дури и го сакаше
како човек, но, небеше Евреин. Минав низ пекол бидејќи многу ги сакав моите
и силно бев приврзана за мајка ми како најмало дете. Сепак мајчинското срце
попушти и таа мина преку се. Ми зборуваше дека што и да се случи јас сум нејзино
дете. Почна да доаѓа кај мене и јас бев среќна ...