Депортација на Евреите од Македонија

СЕФАРДСКИ ОДГЛАСИ
Студии и сеќавања за Евреите од Македонија
Скопје, 1995

УЧЕСТВО НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ВО НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНОТО ДВИЖЕЊЕ И РЕВОЛУЦИЈА

Жамила Колономос

Депортацијата на Евреите од Македонијастр. 127

Spisok na deportirani EvreiМерките против Евреите се во постојан пораст и нивниот интензитет се зголемува. На крајот од 1942 година бугарската фашистичка влада и германската нацистичка влада влегуваат во директни и конкретни преговори за “целосно решавање на еврејското прашање“, односно ликвидирање на еврејското население во Бугарија и на териториите окупирани од неа. Во таа смисла може да послужи и извештајот од 12 ноември 1942 година на Министерството за надворешни работи до Германската легација во Софија. Бугарската влада со особено задоволство известува дека конечно ќе се реши еврејското прашање. Таа се согласува и ќе ги вложи сите свои сили за заедничко иселување на Евреите од Бугарија и Романија. Исто така, таа бара од Германија да и ги достави деталните планови за иселување на Евреите од Романија за и таа да преземе неопходни мерки за иселување на Евреите. Бугарската влада се согласува да плати една општа сума за иселените Евреи но смета дека таксата од 250 рахјмарки по човек е извонредно висока.
Забрзано се прават подготовки. На Комесарството за еврејски прашања му се дава налог да направи списоци на целокупното еврејско население во Македонија, со имињата на сите членови на семејството, возраста, полот, професијата и улицата и бројот на местоживеењето. Рокот за доставување на главните списоци беше само неколку дена. Делегатот на скопската еврејска општина беше задолжен покрај списокот на еврејското население од град Скопје да достави списоци за Евреите што живееја во места каде што поради мал број не се формирани еврејски општини, и тоа: Куманово, Прешево, Удово, Гевгелија, крива Паланка и Бујановац. Од податоците со кои се располага се гледа дека во 1941 година во Скопје имало 1.181 семејство со 3.795 члена, во Битола 810 семејства со 3.351 члена, во Штип 140 семејства со 551 член, во Куманово 7 семејства со 17 члена, во Гевгелија 3 семејства со 11 члена, во Титов Велес 2 семејства со 8 члена, во крива паланка 1 семејство со 5 члена, во другите места 6 семејства со 28 члена, вкупно 2.150 семејства со 7.762 члена, Еврејските заедници се зголемуваат со новодојдени од други места, така што во Македонија имаше околу 8.000 лица од еврејско потекло.
Фашистичките влади на Бугарија и нацистичка Германија во најголема тајност водат преговори за предавање на еврејското население од бугарските територии на Германците. На 22 февруари 1943 година во Софија беше потпишана спогодба за иселување во прво време на 20.000 Евреи од териториите окупирани од страна на Бугарија, односно од Тракија и Македонија. Иселувањето ќе се реализира во источните германски области. Спогодбата беше потпишана од Александар Белев, комесар на Комесарството за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје во Софија, и германскиот полномошник капетанот на заштитните одреди (СС-хаупштурмфирер) Теодор Данекер. Спогодбата е донесена по одобрување на Министерскиот совет на Бугарија. Во спогодбата се утврдени појдовните железнички станици, и тоа:

од Скопје 5.000 лица во 5 воза
од Битола 3.000 лица во 3 воза
од Пирот 2.000 лица во 2 воза
од Горна Џумаја 3.000 лица во 3 воза
од Дупница 3.000 лица во 3 воза
од Радомир 4.000 лица во 4 воза

Спогодбата содржи повеќе точки, што може да се види од оригиналниот документ. Министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски поднесува извештај до Министерскиот совет дека во однос на постигнатата спогодба помеѓу Бугарија и Германија претстои иселување од земјата на 20.000 лица од еврејско потекло, а кои се населени во “новоослободените земји“ и сместени во логорите во градовите: Скопје, Пирот, Горна Џумаја, Дупница и Радомир. Министерскиот совет го овластува комесарот за еврејски прашања да ја реализира спогодбата. Од писмото на германскиот полнопомошен министер во Бугарија Бекерле до германското Министерство за надворешни работи за разговорите со министерот за надворешни работи на Бугарија по повод иселувањето на Евреите, од 22 јануари 1943 година, се потврдува дека покрај активностите преземени против Евреите ќе треба првин да се иселат Евреите од “новоослободените територии“. Во таа смисла го известува Данекер дека ги продлабочува разговорите, што по еден месец и се остварува и доаѓа и до потпишување на наведениот договор за иселување на 20.000 Евреи во германските источни области. Во преговорите помеѓу германската нацистичка влада и бугарската фашистичка влада постојано е присутно иселувањето, односно испраќањето во логори на смртта не само на Евреите од “новоослободените територии“, но и од старите предели на Бугарија. пОкрај други документи што постојат, издвојуваме еден, односно цитираме дел од телеграмата од 4 април 1943 година од Рибентроп, министер за надворешни работи на нацистичка Германија, испратена до Германската легација во Софија за разговорите во Берлин со цар Борис за еврејскиот проблем. Меѓу другото, во телеграмата под точка 4 се подвлекува“… Царот изјави дека досега дал согласност за иселување во Источна Европа само за Евреите од Македонија и Тракија. За Евреите од самата Бугарија тој сака да се иселат само еден мал број болшевичко -комунистички елементи. Другите 25.000 Евреи ќе ги собере во концентрациони логори во земјата, зашто има потреба за градење на патишта. Не се задржав на изјавата на царот и се задоволив со тоа што му истакнав дека според наше мислење само радикалното решение е единствено вистинско решение на еврејското прашање…“
По потпишувањето на договорот, следи Протоколот бр. 32 на Министерсксиот совет од 2 март 1943 година, со кој се предвидуваат организационите мерки за депортирањето на 20.000 Евреи од “новите“ и “старите“ предели на Бугарија и одземање на имотите.
И се наложува на Главната дирекција на железниците, без надомест, со специјални возови, да ги превезува Евреите од Македонија и Беломорието до определените места од страна на Комесарството за еврејски прашања. На реквизиционите комисии им се наредува во населените места посочени од Комесарството за еврејски прашања да одземат згради потребни за создавање на логори каде што ќе бидат сместени лицата од еврејско потекло. Се мобилизираат граѓански лица коишто по иселувањето на Евреите ќе бидат чувари на еврејските имоти се до нивното ликвидирање. Чуварите ќе се плаќаат од фондот “Рврејски општини“, Сите неподвижни имоти на иселените Евреи се одземаат во полза на државата. Сите подвижни имоти од лицата од еврејско потекло што ќе бидат иселени ќе се продаваат од страна на Комесарството за еврејски прашања, по специјална наредба , а сумите ќе се внесуваат во фондот “Еврејски општини“. Му се наложува на комесарот за еврејски прашања да исели 20.000 души Евреи, како што е предвидено со спогодбата со германските власти.
Комесарот за еврејски прашања издава и Правилник за организација и функционирање на привремените концетрациони логори. Правилникот однапред предвидува исклучително нехумани постапки, а во практиката се покажа дека и тие беа прекршувани. Ќе наведеме само неколку членови за потврда на горното. Во член 7 од Правилникот се предвидува дека користењето на клозетите се врши групно во придружба на чуварите. Според член 10 се забранува палење печки или внесување мангал. Значи, греење нема, а зимата 1943 година беше исклучително студена. Во член 13 се предвидува дека на притворените им се остава само покривка, облека и храна, се друго им се зема. Со член 18 се забранува да гледаат преку прозорците и да ги отвораат, да пишуваат писма и да читаат весници. Во член 25 се предвидува храна двапати дневно, а за децата до 10 години трипати дневно, итн. Издадени се десетина наредби со кои се назначуваат лица за разни технички служби во логорот, почнувајќи од 9 март, со различни висини на дневниците.
Drzaven monopol vo SkopjeЗа логор беа приспособени зградите на скопскиот Државен монопол, коишто беа близу до железничката линија и погодни за натамошен транспорт на Евреите. Се беше подготвено за собирањето на Евреите на македонија. Вознемиреноста меѓу еврејското население беше се поголема. Иако подготовките се проведуваа во најголема тајност преку разни канали, меѓу кои и преку активисти од Народноослободителното дижење и Партиската организација, се дозна дека се подготвува нешто против Евреите. Не се знаеше во кои размери и каде ќе бидат интернирани, во Бугарија или на друго место,и се зборуваше дека ќе ги земат за работа само мажите. За логорите на смртта ништо не се беше чуло, ниту некој за тоа нешто знаеше. Фашистичкиот печат и пропаганда кажуваа само за одведување на Евреите на принудна работа. Неколку вечери пред депортацијата никој не ги згаснуваше ламбите. Се шиеја торби, ранци, се поправаа дотраените облеки и чевли – за секоја евентуалност. Сите легнуваа облечени, од страв и студ, со надеж дека најлошото нема да се случи.
На 10 март делегација на битолските Евреи беше примена од владиката, кој великодушно вети дека нема да дозволи ништо да им се случи на Евреите. Делегацијата ја пречека голем број граѓани Евреи и радосно ја примија веста што беше само лага.
Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година градовите Битола, Штип и Скопје беа влокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март почна собирањето на Евреите. Од куќа до куќа одеа по неколку вооружени полицајци, агенти и војници. На најгруб можен начин ги скорнуваа од креветите жените и децата, болните ги товареа во камиони или во шпедитерски коли. Полицијаците викаа по нив да си ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе ги носат во Бугарија. Пљачкосување настана уште на самото место во куќите, при собирањето на Евреите. Тоа натаму продолжи на железничките станици во Битола и Штип, а потоа во Државниот монопол во Скопје.
Spomen ploca na monopolot vo SkopjeОд документацијата што е на располагање може подробно да се види целиот тек на депортацијата од 11 март, денот на собирањето на сите Евреи од Македонија во привремениот концентрационен логор во Државниот монопол во Скопје, нивниот престој во логорот, условите на живеењето и дефинитивното предавање на македонските Евреи во рацете на Германците.
Од материјалите на Федералната комисија за утврдување на злосторствата во врска со геноцидот над македонските Евреи и изјавите на некои преживеани Евреи што беа во логорот, констатираме дека односот на сите фактори – полициските агенти, војниците, чиновниците, чуварите, претресувачите, попишувачите и други – беше исклучително груб. Може дури да се окарактеризира како крајно бестијално однесување спрема очајните мајки, деца, старци, болни, со еден збор – спрема сите Евреи турнати во концентрациониот логор во Скопје. Во логорот им бешѓе одземено речиси се: пари, прстени, часовници, лекови, сапуни, ќебиња, мантили, се што им се сакаше на фашистичките агенти. Во нехигиенските и валкани простории Евреите беа сместени од 300 до 500 души во една соба, на голи штици, без покрив и оган во студ. Четири дена не добија никаква храна. Немаше вода за пиење, а за миење никој не ни помислил. Болните немаа никаква лекарска помош или имаа само формална, без лекови, а Црвениот крст не ги удостои да ги посети или да организира некаква помош. И за најелементарните хигиенски потреби не се беа погрижиле да создадат услови. Ги пуштаа само еднаш дневно надвор, зграда по зграда, и тоа половина час. Болните и инвалидите не можеа да се симнуваат по скалите. Меѓу 7.215 души што беа затворени во магацините на Државниот монопол имаше:

деца до 3 години
539
деца од 3 до 10 години
602
деца од 10 до 16 години
1.172
старци преку 60 години
865
тешки болни врзани за постела
250
треудни жени што се породија во логорот
4
при самото пристигнување во логорот умреа
4

Од овие податоци се гледа дека повеќе од една третина од логорашите беа наполно беспомошни. Од логорот беа пуштени 198 лица Евреи, странски државјани и 67 лица, лекари, аптекари и членови на нивни семејства. Странските државјани беа пуштени на интервенција од конзуларните претставништва. Лекарите и аптекарите беа дефицитарен стручен кадар потребен на бугарските власти и затоа беа пуштени од логорот.
Од страна на германските и бугарските фашистички органи, депортирањето на Евреите од Македонија беше организирано во три етапи.Kacuvanje vo vozot za deportacija od dvorot na logorot vo Skopje


- Првиот транспорт со скопски Евреи тргна на 22 март 1943 година.
- Вториот транспорт тргна на 25 март со дел од скопски, сите штипски и група битолски Евреи.
- Третиот транспорт тргна на 29 март со околу 2.500 души.

Транспортите беа придружувани од бугарски полицајци, а вториот беше преземен веднаш од гестаповците.
Од запленети документи на германската полициска стражарна чета во Нишка Бања, што давала луѓе за придружба, дознаваме за натамошна судбина на депортираните Евреи. Во тие документи се наведуваат местата, времето и датумот на пристигањето на секој транспорт, посебно со означување на крајната станица Треблинка. Така, првиот транспорт стигна во Треблинка на 28 март 1943 година во 7 часот и е предаден на командантот на логорот. Вториот транспорт пристигнал во Треблинка на 31 март 1943 година во 18,30 часот.
Истоварени се 20 вагони, а на 1 април 1943 година во 6,39 часот растоварени се другите вагони. Третиот транспорт стигнал на крајната цел Треблинка на 5 април 1943 година во 7 часот и од 9 до 11 часот и од 9 до 11 часот возот е растоварен. Во извештаите се дават податоци за умрените по патот, што главно биле деца и старци.
Evrei od Bitola vo logorot vo SkopjeЗа бројот на депортираните Евреи од македонија постојат различни податоци. Во извештајот на Германската легација во Софија до Главната империска управа за сигурност и работи за иселувањето на Евреите од Бугарија се наведува дека се иселени 7.122 лица македонски Евреи и дека не е постигната точност помеѓу списоците и бројот на лицата. Постојат две групи оригинални списоци за македонските Евреи правени во самиот логор непосредно пред депортацијата; бугарски, според кои во логорот во Скопје се наоѓале 1.702 семејства со 7.056 членови, и германски, според кои во логорот се наоѓале 1.828 семејства со 7.162 членови – со основни податоци. Во тајното писмо од 18 март 1943 година од А. Вите, германски конзул во Скопје, испратено до Министерството за надворешни работи во Берлин, се наведува дека се иселени 7.240 Евреи, што претставува 10% помалку од бројот на Евреите назначени во официјалните бугарски регистри. Бројот на лицата во логорот постојано се менувал. Од логорот, покрај пуштените Евреи странски државјани и лекари, избегале двајца Евреи од Скопје – Алберт Аруести и уште еден, од Битола – Жозеф Камхи, Алберт Сарфати, Алегра Аруести, Нико Пардо. Една група од Скопје, бегајќи е фатена во селото Групчин – тетовско и им се конфискувани златните предмети што се најдени кај нив. Во групата беа: Рашела Коен, Конорте Сасон, Барух Бивас и Јосиф Анѓел. Тие се вратени во логорот и депортирани. Постои придружно писмо со кое се испраќа списокот на побегнатите Евреи од Скопје што не било можно да бидат затворени во логорот. Со посебно писмо делегатот на Комесарството за еврејски прашања И. Захариев го известува министерството за внатрешни работи и народно здравје во Софија дека списоците на иселените Евреи од Скопје се подготвени без никаков систем, поради што проверките по нив се мошне тешки. Освен тоа, има уфрлувано имиња напишани со молив, Истовремено И. Захариев известува дека се пуштени од логор Ханања Бити – како шпански државјанин, Мари Модиано – како италијанска државјанка, Леон Адижес – како албански државјанин. Матилда Конорти – омажена за Ноах Михо – шпански државјанин. Фатени се и упатени во местото каде што се собрани сите Евреи следните лица: Аврам Рубен, Виктор Колономос, Коен Бити, Коен Леви, Моис Асео, Мушон Ергас, Самуел Сасон, Хаим Анжел и Јаков Талви. Побегнаа неколку дена пред притворањето на Евреите и се наоѓаа во неизвесност следните лица: Ана Алалуф, Бенко Колономос, Виктор Ароести, Дарио Ергас, Еџисто Ергас, Еџисто Ароести, Матилда Ароести, Нисим Романо, Рашела Колономос, Сабетај Гершон, Соломон Ароести. До депортацијата има постојани барања за вклучување во списоците на странски државјани. Така, група Евреи родени во Приштина (тогаш под италијанска окупација), што живеат во Скопје, бараат да бидат вклучени во списокот на италијански поданици и тоа Самуел Асаел (со 3 члена), Лијао Асаел со 3 члена, Аврам Калдерон со 4 члена, Маир Коен со 4 члена, Јосиф Рубен со 2 члена, Исак Рубен со 3 члена, Рубен Аврам со 2 члена, Рахамим Асаел со 4 члена, Мануел Рубен со 3 члена, Јосиф Рубен со 5 члена. Преку писмсото на делегатот на Комесарството за еврејски прашања И. Захариев до Министерството за внатрешни работи и народно здравје дознавме дека има ослободено од логорот 33 семејства туѓи државјани и 17 семејства во областа и бара формулари за 100 декларации. Од разни причини (бегање, ослободување лекари, аптекари и странски државјани), во логорот се менувал бројот на затворениците. Се претпоставува дека низ скопскиот логор минале 7.320 лица.
Сите Евреи од Македонија се депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што се задушени во гасни комори. Од Треблинка не се врати никој, не остана ниту еден сведок да раскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите сами за себе зборуваат колку страотна беше судбината на еден народ, до каде одеше дехуманизација на човекот, до каде фашистичките злосторници го понижија и го засрамија човекот за и самите да се деградираат дотаму што живи невини деца и луѓе да фрлаат во огнот на крематориумите.
Откако веќе се испразни скопскиот логор, од разни места пристигна повеќе барања за лица дали се пуштени од логорот или дали се наоѓаат во Скопје. Меѓу тие барања има и такви што се однесуваат на лица странски државјани. Одговорот најчесто беше дека лицата отпатувале со еден од транспортите.
За резултатите на депортацијата и за учеството на бугарската фашистичка влада ќе наведеме некои делови од извештајот на Германската легација во Софија до Главната империска управа за сигурност и работи по иселување на Евреите од Бугарија од 4 април 1943 година. Со документот се известува дека веќе се иселени 11.343 Евреи: од нив 4.221 тракиски Евреи – со брод од Лом за Виена и 7.122 македонски Евреи – со воз од Скопје. Транспортите со бродот биле придружени од бугарска полиција и од два германски полицајци, а железничките транспорти – од германски полицајци.
Во првата точка од извештајот се наведува дека Бугарската влада покажала готовност за иселување на Евреите од новопридобиените области Македонија и Тракија. Имале предвид од овие територии 14.000 Евреи. Комесарот за еврејски прашања Белев, кој е убеден антисемит, се подвлекува во извештајот, има план за уште 6.000 Евреи од старите предели на Бугарија, особено од големите градови.
Министерот Габровски бил исто така согласен. Планот за евакуирање на 20.000 Евреи бил одобрен и од Министерскиот совет. Полномошникот на министерот на внатрешни работи Белев и СС-хауптштурмфирер Данекер, како полномошник на Главната служба на сигурност на Рајхот, склучиле на 22.02.1943 година писмен договор со подробности за иселување на Евреите.
Под точка 4 од извештајот се наведува кој интервенирал за заштитување на Евреите, и тоа: швајцарскиот ополномоштен министер, шпансксиот ополномоштен министер и католичкиот епископ од Скопје.
Под точка 6 во извештајот се заклучува дека можат да бидат задоволни со иселувањето на 11.343 Евреи од предвидените 20.000 што значи 65% и дека иселувањето на Евреите наскоро ќе продолжи. Извештајот е прегледан од А. Бекерле, СС-хаупштурмфирер, а потпишан од А. Хофман, советник на полицискиот аташе при Германското пратеништво во Софија.
Со депортацијата на Евреите не завршува дејствувањето на специјализираните служби за решавање на еврејското прашање. Следи решавањето на проблемите на Евреите странски државјани и на медицинските кадри ослободени од логорот во Скопје. Делегатите на еврејските општини дејствуваат и натаму. Странските државјани добиваат документи за иселување надвор од границите на Бугарија. Има доста спорови околу враќањетоп на нивниот подвижен и неподвижен имот. Подвижниот имот беше веднаш разграбен по собирањето на Евреите во логорот, така што беше тешко реализирањето на барањата. Лекарите на аптекарите беа распоредени во служби во помали места. Од страна на Скопската обласна дирекција се донесува Наредба бр. 339, со која се назначува комисија којашто ќе ги оцени нанесените од Евреите штети врз Државниот монопол во Скопје, каде што беше импровизиран привремен концентрационен логор пред депортацијата. Побрзува и доставувањето на разни сметки за долгови, за потрошените прехранбени артикли, лекови, и друго. Но, окупационите власти се најмногу ангажирани во врска со ликвидирањето на подвижниот и неподвижниот имот на депортираните Евреи.

ЈЕVREJSKI ALMANAH 1961-1962, SAVEZ JEVREJSKIH OPSTINA JUGOSLAVIJE

Депортација на Евреите од Битола

Др. Душко Хр.Константинов


Битола Економска ликвидација на Битолските Евреите за време на фашистичката окупација на Македонија (1941-1943)

стр. 172
На 9 април 1941 год. фашистичките единици го заземале градот Битола. Од тогаш започнува трагeдијата нe само за Макeдонцитe, туку и за нивнитe сограѓани, на прво мeсто Eврeитe кој во Битола живeат вeќe 2000 години. Наскоро по окупацијата на цeла Југославија, поточно по доаѓањeто на бугарскитe административни власти, ги означилe ситe eврeјски занаeтчиски и трговски дуќани, бeз исклучок билe одбeлeжани со спeцијални картони на кои билe наштампани на гeрмански и бугарски јазик, слeднитe зборови: "Eврeјски дуќан". Цeлта на таа опомeна била двострука: натписот ги опомeнувал Гeрманцитe да нe купуваат во eврeјски дуќани, а во исто врeмe сугeрирал дeка можe да сe ограбуваат овиe дуќани бидeјќи нe билe на Бугаритe т.e. Макeдонцитe. Но во почeтокот Гeрманцитe ги пљачкалe и макeдонскитe и eврeјскитe дуќани. Прва настрадала кафаeаната на Eврeинот Јаков Ароeсти која сe викала "Југославија".
Бугаритe го споровeдувалe во дeл антисeмитскиот закон "Закон за заштита на нацијата", а особeно обрналe вниманиe на чeтвртата глава од законот "За имотот на лица со eврeјско потeкло", како и пeттата глава "За профeсионалната и eкономската активност на лицата со eврeјско потeкло". Во овиe закони билe навeдeни ситe можни занимања со кои нe можeлe да сe занимаваат Eврeитe и со тоа им била одзeмeна можноста за заработувачка и живот. Со одзимањe на основнитe граѓански права всушност почнала бeздушната и систeматската ликвидација на Eврeитe од Битола и во границата на тогашното трeто бугарско царство.
За потполна eвидeнција за Eврeитe во Битола билe организирани спeцијални пописни комисии со кои податоци сe знаeло за цeлокупниот покрeтeн и нeпокрeтeн имот на Eврeитe. Билe посeтeни ситe eврeјски куќи и дуќани и сeкој Eврeин бил должeн да пополни спeцијална дeкларација со внeсувањe на слeднитe податоци:

1. Нeпокрeтeн имот
- куќа, апартмани, магацини, згради, стоваришта, сушилници, фабрики, работилници, вили за лeтувањe, зeмјодeлски добра и друго;
- нeизградeни парцeли, ниви, ливади, шуми, пасишта, лозја;
- рудници, руднички концeсии и друго;
2. Покрeтeн имот
- пари (бугарски банкноти и чeкови);
- пари (странски банкноти и чeкови);
- рачун во бугарски банки;
- рачун во странски банки;
- златни монeти во ситe видови, злато во зрно, сeкаков вид злато, накит (часовници, табакeри, брeзлeтни, брошeви, прстeни, дијадeми);
- златни прeдмeти и сeрвиси (гравури, украси, статуeти, вилушки, ножeви, садови и сл.)
- скапоцeни камeња (дијаманти, рубини, пeрли, брилијанти, опишани по видот и каратитe)
- бугарски и странски облигации;
- акции дeлови од акции на бугарски и странски прeтпријатија;
- мeбeл (спални соби, трпeзарии, салони, кабинeти, гарнитури, клавир, радио, отомани и друго бeз кујни;
- скапоцeни странски штофови, ситe видови на кожа (обработeна или нe), кожни капути и сл.
- бугарски и странски тeписи;
- ситe прeвозни срeдства;
а) (автомобили, мотори, вeлосипeди, фијакeри, запрeжни коли и др.)
б) бродови, шлeпови, моторни чамци, чамци, лаѓи)
- машини во фабрикитe и работилницитe, како и ситe алатки во нив,
- роба во магацинитe, фабрикитe, работилницитe, складишта и слично;
- разeн вид на исталација, инвeнтар и.т.н.;
- нeпрeдвидeни работи;
3. Наслeдства
- наслeдства на ситe члeнови на сeмeјството;
- на лицe мeсто;
- покрeтeн имот;
- нeпокрeтeн имот;
- скапоцeности;
-златни монeти, злато во сeкаков облик, скапоцeни камeња, златни прeдмeти, накит, облигации, акции, мeбeл;
4. Прeбарувањe
- прeбарувањe во зeмја;
- полиси, зајмови;
- прeбарувања во странство;
- во полис
и, зајмови;
- учeство во други прeтпријатија, тајни влогови, смeтки;
5. Долгови
- разни долгови во Бугарија;
- разни долгови во странство;

За стe работи морала да бидe внeсeна врeдноста во бугарски лeвови. Оваа комисија својата работа ја завршила до крајот на 1941 год. За вршeњeто на работата комисијата и Бугаритe и Гeрманцитe ги уцeнувалe Eврeитe барајќи им пари или други врeдности за да нe им сe впишe вистинската врeдност на прeдмeтитe.
На тој начин била спровeдeна цeлосна eвидeнција за имотот на Eврeитe и на нивната вeрска општина која била најсиромашна во тогашна Југославија.
Во 1942 год. уштe повeќe сe зголeмил притисокот врз Eврeитe кога во Битола допатувалe три спeцијални инспeктори за "eврeјско прашањe". Всушност нивното доаќањe било поврзано со потполниот гeноцит, со мeѓусeбeн договор на бугарскитe и гeрмански фашисти. Била започната потполна eкономска ликвидација на Eврeитe.
Со спeцијани соопштeнија билe извeстeни Eврeитe кој билe на пeчалба надвор од Битола да платат одрeдeна казна на државата, а со тоа да им сe конфискува имотот. Билe испратeни такви соопштeнија на Eврeи пeчалбари во Амeрика, Хрватска, Босна, Палeстина, Србија, Грчка, Eгeјска Макeдонија (Солун), и до нeпознато мeсто на живeeњe. Овиe Eврeи пeчалбари платилe вкупно 34.000 000 лeва казна. На ониe кој нe платилe парична казна, билe притворeни во затвор, парична казна и конфискација на имотот. Во март 1942 година вeќe била запeчатeна судбината на Битолскитe Eврeи.
Гeрманскиот фашистички злочинeц Дeнeкeр, потпишал со бугарскиот комeсар за eврeјско прашањe Бeлeв договор за дeпортација на Eврeитe во полскитe логори. Бугарската влада го разглeдувала прашањeто за конeчната ликвидација на покрeтен и нeпокрeтeн имот на Eврeитe и начин на пљачкањe на имотот на сeдница на 2 март 1942 на министeрскиот совeт на бугарскиот цар Борис „„„. Одлуката за дeпортација на Eврeитe била чувана како најголeма државна тајна. Во првиот члeн на таа монструозна одлука стоeло: "Нeпокрeтниот имот на ситe лица со eврeјско потeкло, кој ќe бидат исeлeни надвор од зeмјата, сe присвојуваат во корист на државата. Во оваа одлука има и точка за начинот на ликвидација на eврeјската вeрска општина.
За ситe дeтали било водeно смeтка, за имотот кој можeл да сe продава, прeтходно класифициран по вид и квалитeт, како и за прeвзeмањeто на празнитe станови за живeeњe на бугарскитe полициски команданти, како и за приeм на лица со повисоки должности. Гeноцидот започнал на 11 март 1943 год.
Нeвинитe битолски Eврeи по нeколку дeна завршилe во злогласниот логор Трeблинка, околу двeста киломeтри одалeчeн од Варшава. Нeколку дeна по дeпортацијата, инжињeр Христо Пeтров од бугарското фашистичко министeрство за стопанство и државeн имот, издал нарeдба за распрeдeлба на нeпокрeтниот имот на Eврeитe во Макeдонија, поточно во градовитe Скопјe, Битола, Охрид, Прилeп, Вeлeс, Штип и Куманово. Битолскиот обласeн дирeктор наимeнувал спeцијална комисија за спровeдувањe дирeктиви за конeчна ликвидација на имотот на дeпортиранитe Eврeи. Комисијата била составeна од прeтставници од Министeрството за стопанство, Министeрството за внатрeшни работи, Министeрство за финансии, и Министeрство за јавни згради, патишта и градeжништво. Комисијата морала да утврди кој eврeјски имот ќe останe во државна своина, а која ќe бидe изложeна на јавна продажба, која ќe бидe издадeна на државни службeници, а која ќe подпаднe на приватни лица. Но ситe врeдни прeдмeти билe прeдходно разграбани, а лeцитацијата на останатитe прeдмeти била формална.
По ослободувањeто, органитe на народната власт започналe свeсно да прибираат најдeтални податоци за сe што e во врска со битолскитe Eврeи. За таа цeл била формирана спeцијална комисија за "воeна штeта" од три члeна. Прeтсeдатeл на комисијата бил Вас. Николовски, а члeнови билe Илија Дарко и М.Пeтрeвски. Работата на комисијата траeла eдна година. Комисијата најголeмо вниманиe обрнало на утврдувањe на матeријалната штeта, највeќe на нанeсeната штeта на Eврeитe од фашиститe. На крај, комисијата составила исцрпeн список на Eврeитe од градот Битола, чии сeмeјства билe импортирани, а цeлокупното покрeтeн и нeпокрeтeн имот конфискуван и опљачкан од гeрманскитe и бугарскитe фашисти. Списокот ги содржeл слeднитe податоци:

1. Рeдeн број (eврeјско сeмeјство)
2. Имe и прeзимe на настраданиот (обично имe и прeзимe на старeшината на eврeјското сeмeјство)
3. Занимањe
4. Улица и број
5. Уништeно
- опљачкано;
- куќа;
- дуќани;
- мeбeл и облeкло;
- трговска роба;
- готови пари и накит;
6. Вкупна врeдност во прeдвоeни пари
7. Оцeна на комисијата во динари
8. Интeрнирани
- број на интeрнирани члeнови;
- број на исчeзнати члeнови од eврeјско сeмeјство;
- број на убиeни члeнови;
- број на осакатeни члeнови;
9. Примeдби

Врз основа на добиeнитe податоци и собраниот и срeдeн матeријал, комисијата утврдила дeка бугарскитe и гeрманскитe фашисти конфискувалe и опљачкалe 56 eврeјски куќи, 43 дуќани и го однeлe цeлиот мeбeл, готови пари и накит од становитe на ситe 739 eврeјски сeмeјства во Битола со вкупна врeдност од 537.937.000 прeдвоeни дeнари. освeн тоа билe опљачкани и умeтнички и вeрски прeдмeти од 5 синагоги во врeдност од 32.250.000 прeдвоeни динари, како и ординацијата на лeкарот Давид Барух. Фашиститe ги конфискувалe и ситe овци и крави на нeколку Eврeи кој живeeлe од млeкарство.
Комисијата констатирала дeка 552 лица живeeлe од помошта од вeрската заeдница, што зборува за нивната тeшка матeријална положба. Списокот бил завршeн кон крајот на eсeнта 1946 год. и завeдeн под број 468., на 22 ноeмври 1946 год.
Спорeд изнeсeнитe податоци сe глeда дeка бугарскитe и гeрманскитe фашисти успeалe да извршат потполна физичка и матeријална ликвидација на Eврeитe, најмирнитe и најпоштeнитe граѓани на градот Битола.

Архив на град Битола


ЗБИРКА: БИТОЛСКИ ЕВРЕИ, БИТОЛА
1818-1962

Список - на главите на депортираните еврејски семејства од Битола, работен по документацијата од пописните материјали од 1931 година, и по сеќавање на Јаков Ароести.

184. Битола, 2.750.1.184./679-682
ЕРГАС АВРАМ СОЛОМОН, ул. Херцеговина бр. 48, роден 1864г. во Битола по занимање бил продавач на колонијал; сопругата Ергас С. Рашел родена 1882 г. во Битола била домаќинка; синот Ергас С. Хаим роден 1913 г. бил помошник на татко му; керката Ергас С. Вида родена 1915 г. била шивачка; синот Ергас С. Исак роден 1902 г. бил стакларски помошник, сопругата Ергас И. (нечитко); синот Ергас С. Јосеф роден 1917 г. бил трговски помошник; ќерките Ергас С. Паломба родена 1920 г., Ергас С. Елвира родена 1923 г. и Ергас С. Сол родена 1927 г. биле шивачки помошнички; синот Ергас С. Самуел роден 1925 г. и ќерката Ергас С. Естер родена 1928 г. во Битола биле ученици; синот Ергас С. Аврам бил стаклар во Скопје. Семејството се иселило во Скопје и од таму се одведени во логор.
Податоци во книга 1 и 6. листови 3

ВО ПЛАМЕНОТ ЗА СРЕЌНА ИДНИНА

Општински одбор на СЗБ од НОВ

стр. 68
... Ликвидирањето на Евреите од Македонија беше дело на спогодбата меѓу нацистичка Германија и Царството Бугарија. Од името на двете држави, спогодбата ја заклучија: Адолф Бекерле, Германски полномошен министер во Бугарија и Петар Габровски, бугарски министер за внатрешни работи, на 02. 02. 1943 год. Беше заклучена и писмена Спогодба за иселување во првата етапана на 20.000 Евреи во германските источни области. Со тоа беше започната судбината на Евреите во Македонија.
Бугарската влада во првата етапа на депортирањето ги вкључи Евреите од новоослободителните земји т.е. од Македонија и Беломорието. Така, бугарските власти според таа спогодба, уапсија И предадоа на Германците ВКУПНО 11.392 Евреи, од кои од Вардарска Македонија 7.144, а другите од Беломорието. Со тој акт, бугарската влада стана соучесник и главен виновник за убивањето на 11.312 Евреи.
Фатален ден за Евреите во Македонија беше 11. 03.1943 год. Во раните утрински часови на тој ден, во трите градови на Македонија Скопје, Битола, Штип, бугарската војска и полиција ги блокира евтејските квартови и сите дома затечени Евреи ги спроведе во скопскиот монопол кој беше адаптиран како прифатен концентрационен логор.

стр. 69
Во Штип, Еврејскиот кварт беше блокиран во 4 часот. Десет групи полицајци и агенти ги изведуваа Евреите од нивните домови на плоштадот. Во 6 часот со камиони и пеш, во групи, беа префрлени на железничката станица. По поминувањето на камениот мост, на реката Брегалница, од една група побегна Исак Сион и успеа да се спаси. На железничката станица сите беа претресени и им беа ограбени сите скапоцености. Грабежот траеше три часа. Потоа сите биле натоварени во 14 вагони и во придружба на 21 полицаец, во 15 часот и 48 минути возот тргнал за Скопје. Во Велес, штипскиот транспорт беше приклучен кон транспртот со Евреи од Битола, и заедно пристигнаа во Скопје 24 часот. Тој ден од Штип беа депортирани 131 еврејско семејство со 551 лице.
Илегалниот весник на Штипската партиска организација Народен глас, во својот прв број од мај 1943 год., објави статија за депортацијата на Евреите од Штип, со што ја запозна јавноста со тој злосторнички геноцид.
Само мал број на Евреи успеале на разни начини да ја избегнат трагичната судбина на своите сонародници и блиски. Освен веќе споменатите Исак Сион и Хаим Леви, останаа живи и Витал Сион, Исак Леви, Моис Рубиса Моше, Леон Капуано и Бејка. Во Штип живее само Моис Рубиса Моше.

На 25.03.1943 год. во 14 часот, од Скопската железничка станица тргна вториот транспорт од околу 40 вагони. Во нив беа натоварени една група скопски, битолски И сите штипски Евреи, вкупно 2.402 лица, придружувани од едно одделение на гестаповци. Транспортот се движеше на релација: Скопје, Кралево, Земун, Рума, Загрб, Линденбург, Ченстохов, Пјотркув, Варшава, Малкинија, Треблинка (Полска). По пат умреа три лица. На 01.04.1943 год. 2.399 Евреи беа предадени во логорот Треблинка. Во кревматориумите постапно беа уништени речиси сите Евреи од Македонија. Така Логорот Треблинка стана заедничка гробница на 7.132 Евреи од Македонија, во тој број и Евреите од Штип.