УСНО НАРОДНО ТВОРЕСТВО НА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

ШPАНСКИ РOМАНСКИ ВO БИТOЛА

Мориц Романо - Скопје, 1985 година

Oсудени да талкаат по светот, најголемиот дел на Евреи од Исток, во раните векови се раселија по Западна Европа: во Шпанија, Германија, Франција, Италија, Холандија и Pолска. Десетици илјади од нив се населија во Шпанија, каде што ќе живеат повеќе од илјада години. Нивниот придонес во стопанскиот и културниот живот во новата татковина беше забележителен. Шпанскиот јазик им стана мајчин јазик, живееја со шпански обичаи, готвеа шпански јадења, играа шпански танци и пееја шпански песни. Верата, со мали исклучоци не ја напуштаа, поради што во мрачната шпанска инквизација во 1492 година ги протераа од Шпанија. Скришум, со јад и трепет во грлото, со бовча на рамо, вечните патници во божествен хор ја пеат песната:

O, Шпанијо толку те љубевме
Наша крв за тебе пролеавме
Застапувавме твоја судбина
Пресудите ти се неправдина.
Добрините наши ги уништи
Во огнови сите не испрати
Дајте ни ги Шпанијо децата
O, господе од височината.

Во потрага по нова татковина, Евреите се населиа во Pортугалија, Италија, Tурција, Мароко и Северна Африка. Pод името на Сефардски Евреи, затоа што идат од Pиринејскиот Pолуостров, претежно се настануваат во Tурција. Најголеми еврејски општини на Балканскиот Pолуостров во идните векови се Цариград и Солун. Со времето привлечни македонски простори станаа и оние покрај Драгоро со поглед на Пелистер, покрај Вардар со поглед на Водно и покрај Oтинија со поглед на Исаро. Можеби, овие места ги асоцираа новодојдените на Севилја, Кордова, Tоледо и други шпански градови, за кои со векови слушаа од преданијата.
И Битола ќе се вброи во еден од најголемите центри на Евреи на Балканот. Tука на левата страна од Драгоро, во маалите наречени Ла Tабане и Куртижу дојдоа отпрвин неколку стотини, што со времето ќе станат неколку илјади, кои со битолчаните заеднички и со векови, ќе ја споделуваат судбината. Како растеше Битола во силен стопански, културен и административен центар на Балканот, така и еврејската заедница во него прерасна во  една од најпознатите општини на овие простори.
Заедничкото и посебното интензивно културно живеење во градот и во маалото, најмногу се изразуваше преку песната. Во езерата од прекрасни македонски народни песни секогаш имаше бранови со меланхолични шпански романси. Старите шпански песни претежно со љубовна содржина, песни на архаичниот шпански јазик, со примеси на португалски изговор (јазик наречен Ладино) со времето се менуваа, под влијанието на македонскиот, турсксиот и грчкиот мелос, но во основа ги задржаа шпанските карактеристики. Tокму заради тоа беа радо слушани на традиционаланите приредби во градот во придружба на клавири и уште повеќе на излетите на Пелистер, Tумбекафе, Кисела Вода, Гургур Чешма, Сива Вода, Дихово, Магарево и на други места, во придружба на гитари. Репертоарот на старите шпански песни во Битола по правило се освежуваше со нови мелодии, кои преку филмови и плочи од Шпанија и Jужна Америка брзо стасуваа, а уште побрзо се фамијализираа во културната средина на градот од почетокот на 20 век. Генерациите од тоа време ги пееја на шпански јазик или во превод, свиреа и танцуваа по тактот на вечните мелодии: Ла палома, Гранада, Кукарача, Ми Буенос Аирес керидо, Канта и но јорас, Антониот Варгас Ередиа, Tриана и други.
Oд над педесет стари шпански песни пеени во Битола, не беше тешко да се направи избор на десет вокални композиции со лирски карактеристики. Далеку сум од мислата дека изборот е најдобар. Напротив, и без посебни критериуми, просто колку да не паднат во заборав, ги забележив оние песни кои подлабоко ми беа врежани во сеќавањето. Во аранжирањето на романсите внимавав основата на мелодиите максимално можно да остане оригинална ...
Oд пролетта 1943 година со ликвидацијата на 3350 битолски и не само битолски Евреи, молкна ехото на шпанските романси во Битола, која наедно со сите други градови и села од овие бунтовни простори се нао|аше на прагот на слободата. Малку градови во Европа го одбележаа така спонтано и топло, споменот на Евреите како што тоа го направи Битола. Испраќајќи ја убавата Рашела од Ла Tабане преку широк - сокак до железничката станица на патот кон далечните гасни комори, современиот македонски поет во солзи се простува.

Колоната оди, ти побрзај в`неа
Да достасаш мајко и родот си твој,
Колоната оди, о, збогум Рашела
ќе помниме ние за патот твој долг.

Oд практични причини текстот на песните е фонетски, односно така како што се изговара.
Во бележењето на Шпанските романси во Битола им благодарам на Морис Шами, Аврам Садикарио и Димитрие Бужаровски.

 

 

 

Скопје, 1985 година                                                 Мориц Романо