Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995
Мориц Елазар
... Особено внимание
заслужува Еврејскиот хор во Скопје, со кој раководеше прочуениот диригент господин
Шијачки. Хорот беше квалитетен и имаше посебно важна улога во културниот
живот на Скопје. За време на поважни празници или прослави пееше и во синсгогата
религиозни состави од познати композитори Евреи. Хорот со ивесна надомест пееше
и на свадби и на други свечености. Покрај еврејскиот хор активен беше и хорот
на учениците „Bijalik“, со кој диригираше особено талентираниот младинец Моис
Хасон.
Еврејскиот
клуб организираше разновидни добротворни акции, а понекогаш и забави што беа
доста посетени, со оглед на тоа дека скопските Евреи беа дружељубиви и сакаа
да се забавуваат. Во врска со приредбите треба да се истакне дека во одделни
населби во кои имаше повеќе Евреи за време на спарните летни вечери спонтано
се организираа разни седенки и на кои се пееше, играше, свиреше, се кажуваа
вицеви и анегдоти. Во тоа време особено беа популарни стиховите кои се пееја
на одредена мелодија која се викаше „ој лагарио, лагарја“. Многу еврејски момчиња
беа вистински мајстори на пеењето и составувањето стихови. Па затоа и алузиите
на тие стихови силно и непогрешиво ги погодуваа луѓето и појавите на кои се
однесуваа, што предизвикуваше општо одобрување и смеа кај насобраната публика.
Скопските
Евреи беа мошне музикални ја сакаа песната и музиката особено ги сакаа романсите
со најразлична, најчесто романтична содржина. Повеќето од нив со шпанско или
мексиканско потекло, а најчесто плод на музичкиот гениј на сефардските Евреи.
Покрај овие романси често се пееја турски, грчки, српски и особено македонските
песни.
Од младинците
најпознат пеач во тоа време беше Ил Малхо кој знаеше голем број шпански
и мексикански песни што со радост ги пееше. Многу Евреи во Скопје свиреа на
различни инструменти. Немаше друштво од момчиња и девојчина во кое некој не
знаеше да свири на гитара, мандолина и виолина. Познати беа како одлични виолинисти
Саул Амариљо и Хаим Ноах. А како челист извонредниот Ељо Коен.
Во Скопје имаше и Евреи професионални музичари - „Los chalgidis“ кои свиреа
по куќите по повод домашните свечености.
Евреите беа
редовни посетители на народниот театар кој во тоа време даваше претстави на
завидно ниво. Треба да се истакне дека Евреите посебно ја сакаа комедијата така
што делата на Нушиќ им беа најпривлечни. Младината беше заинтересирана
за дела со социјална содржина. Најпосетена беше поставката на „Господа Глембаеви“
со Рашо Плаовиќ во улога на Леон. Често се посетуваа и кината.
...
Poslovice,
izreke i price, Sefardskih Jevreja Makedonije
Жамила Колономос
стр. 17
Женската
Организација WIZO работела покрај останатото на собирање на парични сретства,
организирање продајни изложби на рачни работи, лотарија, приредби и собирање
на материјални сретства, за помош на сиромашни девојки за нивно школување и
оспособување за работа. Оваа организација обавувала разгранета дејност за еманципација
на жените, описменување до современ начин на живот и семејството. Во 1936 год.
во Битола била спроведена акција меѓу жените за помош на шпанските борци за
слобода.
Од повеќето
културно-просветни младински организации кои ги опфаќале работничка и средношколска
младина, најзначајни биле „Хашомер Хацаир“, „Техелет лаван“ „Атехија“ и „Макаби“.
„Хашомер
Хацаир“ во Битола е основана во 1930 год. имало 400 членови на школска и
работничка младина. Одржувале предавања, имале богата библиотека и организирале
приредби, натпревари, спортски игри. Ја развивала работната способност и смислата
за колективен живот.
„Тахелет
Лаван“ во Битола е формирана во 1933 год. и имала окллу 300 члена. Поради културното
ниво на членовите, активностите на оваа организација биле усмерени на образовен
и културно-просветна активност и знаење од областа на земјоделството.