Сефардски огласи

Студии и сеќавања за Евреите од Македонија, Скопје, 1995

Мориц Елазар

Евреите од предвоено Скопје во моето сеќавање

Многу Евреи имаа свое место во синагогата за кое годишно плаќаа сума пари. Постарите Евреи беа доста побожни. Сепак имаше се помалку луѓе кои со тофилим ја извршуваа утринската молитва. Традицијата и обичаите строго се почитуваа, На Сабат постарите не работеа. Ниту, пак, пушеа и палеа оган. Но, од младите ретко кој се придржуваше кон тоа. Празнувањето на Сабат започнуваше во петок навечер. Меѓутоа, вечерата за почеток на празникот не се состоеше од грав и риба, како во повеќе заедници во светот, туку од некое варено јадење задолжително со „pstiliku di karni“ и тврдо варени јајца варени со љушпа од кромид тоа се вика („huevus inhaminadus“). Јајцата обично се вареа или печеа во фурна. Вечерта спроти Сабат во повеќето куќи во кои домаќинките беа постари луѓе започнуваше со „Kidush“) - молитва со чаша густо црно вино. Религијата во секојдневниот живот беше насочена кон одржување на личната хигиена. Веднаш по станувањето, додека не се измијат односно, додека се „inkunadus“ (нечисти), повеќето постари Евреи не се поздравуваа ниту, пак, јадеа. Миењето раце беше задолжително и пред ручекот и пред вечерата. Но, притоа соодветни молитви изговараа само постарите луѓе. Пред спиење повеќетоја изговараа молитвата  „ Shema Izrael“, но, тоа беше повеќе искључок отколку правило. На вратите од речиси сите еврејски куќи имаше ставено mezuzot.